Фото: „Нова Македонија“

Во посета на кампусот на хонгконшкиот Универзитет на наука и технологија во Гуангџоу

  • Студенти истражуваат во областите на вештачката интелигенција, роботиката, паметното производство, одржливата енергија, биомедицината…

Минатата недела кинеската амбасадорка во Македонија, Џианг Сиаојан, им посака инспиративна посета на тројца македонски студенти на релативно новиот кампус на хонгконшкиот Универзитет на наука и технологија, кој се наоѓа во Гуангџоу, во јужниот дел на Кина, и е еден од најсовремените универзитетски кампуси во Азија. Отворен во 2022 година, кампусот е резултат на соработката на хонгконшкиот Универзитет на наука и технологија (основан во 1991 година) со општината Гуангџоу и Универзитетот Гуангџоу, со цел да се создаде нов модел на високо образование што ги поврзува науката, технологијата и индустријата. Кампусот се простира на површина од околу 1,1 квадратен километар и е сместен во Нанша, стратешка зона во рамките на иницијативата „Грејтер беј ериа“, која ги поврзува Хонгконг, Макао и девет големи града во провинцијата Гуангдонг, и тоа на најбрз можен начин благодарение на брзата железничка линија, која им е достапна на студентите во секое време.
Архитектонскиот проект е дело на светски познатото студио „Кон Педерсен Фокс“ (КПФ), кое го осмисли кампусот како „паметен зелен кампус“. При неговото проектирање особено внимание им е посветено на енергетската ефикасност, природното осветлување, зелените површини и одржливото управување со ресурсите. Модерните академски објекти се поврзани со пешачки зони, паркови и јавни простори, создавајќи средина што поттикнува соработка, креативност и размена на идеи. Во централниот дел на кампусот се наоѓаат академски и истражувачки центар, современа библиотека, административен комплекс, студентски центар, лаборатории опремени со најнова технологија, како и спортски и рекреативни објекти. Студентските домови се изградени според современи стандарди и нудат комфорни услови за домашните и меѓународните студенти. Кампусот е опремен со паметни дигитални системи за управување со зградите, безбедноста и енергетската потрошувачка.

Библиотеката – современ центар за знаење, истражување и иновации

Еден од најимпресивните објекти во кампусот е современата библиотека, која не е замислена само како место за чување книги туку и како динамичен центар за учење, истражување, соработка и развој на нови идеи. Библиотеката се наоѓа во срцето на кампусот и е проектирана како простор што ги поврзува студентите, професорите и истражувачите. Нејзината архитектура е исполнета со природна светлина, отворени простори и современ ентериер, создавајќи инспиративна атмосфера за учење и академска работа. Просторот е организиран така што овозможува и тивко индивидуално учење и групна работа, со специјално дизајнирани сали за дискусии, презентации и заеднички проекти.
Наместо класичен концепт на библиотека со полици полни со книги, развиен е модел во кој печатените изданија се дополнети со богата дигитална инфраструктура. Студентите имаат пристап до електронски книги, научни списанија, меѓународни бази на податоци и истражувачки материјали од различни научни области. Библиотеката организира и обуки за информациска писменост, академско истражување и користење научни извори, како и предавања за личен и професионален развој.
Особено внимание им е посветено на современите технологии. Во библиотеката се планираат и се развиваат мултимедијални простори, центри за дигитално создавање содржини и специјализирани зони во кои студентите можат да работат на презентации, видеопроекти и истражувачки задачи. Библиотеката е важен дел од концептот „паметен кампус“, со современи дигитални услуги, брз безжичен интернет и технолошки опремени работни места. Со својата современа организација и силна ориентација кон дигиталните ресурси, библиотеката претставува повеќе од место за читање – таа е интелектуален центар каде што се создаваат нови идеи, се поттикнува интердисциплинарната соработка и се развиваат идните генерации научници, инженери и иноватори.

Наместо традиционална настава – истражувања и иновации во различни области

Она што го издвојува овој универзитет е неговиот иновативен академски модел. Наместо традиционална настава, фокусот е ставен на истражувања и иновации во различни научни области, овозможувајќи им на студентите да работат на реални проблеми што бараат знаење од повеќе дисциплини. Универзитетот им посветува големо внимание на истражувањата во областите на вештачката интелигенција, роботиката, науката за податоци, паметното производство, новите материјали, одржливата енергија, биомедицината и дигиталните технологии. Кампусот активно соработува со индустријата и технолошките компании во регионот, овозможувајќи им на студентите уште за време на студирањето да учествуваат во иновативни проекти и развој на нови технологии.
Универзитетот има два кампуса, покрај оној Гуангџоу, има еден и во Хонгконг, и двата функционираат комплементарно, со заеднички академски стандарди и тесна соработка меѓу наставниот кадар и истражувачките тимови. Целта е да се создаде генерација научници, инженери и претприемачи што ќе бидат подготвени да одговорат на глобалните предизвици преку интердисциплинарен пристап и иновации. Со својата современа архитектура, врвна истражувачка инфраструктура и уникатен образовен модел, хонгконшкиот Универзитет на наука и технологија денес претставува еден од најамбициозните универзитетски проекти во Кина и пошироко во Азија, поставувајќи нови стандарди за високо образование, научни истражувања и технолошки развој.
Тоа е универзитет што ги обликува идните лидери во науката и технологијата. Во свет каде што знаењето и иновациите се двигатели на развојот, се издвојува како еден од водечките универзитети во Азија. Воедно е и меѓу најдобро рангираните универзитети во светот, а неговите дипломирани студенти успешно градат кариери во водечки компании, истражувачки институти и стартап-компании низ светот. Со интернационална академска средина, високи стандарди на образование и постојан стремеж кон иновации, хонгконшкиот Универзитет на наука и технологија претставува симбол на современото високо образование и место каде што се создаваат идни научници, инженери, претприемачи и лидери.

Весна Дамчевска