Меѓународната изведба на „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, на „Верона Шекспир Фринџ фестивал“ во Италија, беше пречекана со исклучителен интерес и воодушевување од публиката. Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секого, без оглед на јазикот и земјата од која доаѓа.
Во Верона се одржува 12. „Светски конгрес Шекспир“, со кој се одбележува 50-годишнината од основањето на „Интернационалната асоцијација Шекспир“. Покрај академскиот дел, атмосферата во градот ја збогатува и разновидна музичка програма што се изведува на повеќе сцени. Со ова градот прерасна во глобална театарска сцена што пречека илјадници уметници и истражувачи од целиот свет. Основачи на оваа платформа се: Џон Блондел, кој е уметнички директор на фестивалот, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато, Џон Блондел и Дејвид Скалквик. Фестивалот ги спојува делата на истражувачите и уметниците, кои ги уриваат граници меѓу сценската уметност и науката.
– Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување – истакнуваат од НТБ.
Најголемата благодарност, сепак, им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар – Битола, која со својата посветеност, дисциплина и талент создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика. Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајнот на светлото е на Џонатан Хикс, светло-мајстор е Горан Петровски, музиката е на Александар Димовски, видеото на Владимир Переловски, инспициент е Оливер Петровски а суфлер е Мирјана Христовска.