ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „ОПЕН СРБИЈА 2026“

  • На турнирот Мастерс настапија 239 учесници (14 ВМ, четворица ЖВМ, 23 ИМ, двајца ЖИМ, 64 ФМ и 15 ЖФМ) од 33 држави

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и државен репрезентативец, младиот 19-годишен Aнтон Златков (2.388 рејтинг-поени, рангиран 28. пред турнирот) го освои солидното 24-то место на шестиот шаховски фестивал „Србија опен 2026“ во Белград. Тој играше во најсилната категорија Мастерс, на кој настапија 239 учесници (14 ВМ, четворица ЖВМ, 23 ИМ, двајца ЖИМ, 64 ФМ и 15 ЖФМ) од 33 држави.
По девет одиграни кола, Златков освои шест поени (четири победи, еден пораз и четири ремија), нови 11,8 рејтинг-поени и со играчки перформанс од 2.388 р.п. Вториот македонски претставник Мајкл Бурнс (2.158, рангиран 129.), член на ШК Капабланка Асее, го освои 96-то место со пет поени (три победи, два пораза и четири ремија) и нови 14,4 р.п., додека членот на ШК Мулти Есенс, Матео Ефтовски (2.053, рангиран 189.), заврши на 184-то место со 3,5 поени (две победи, четири порази и три ремија) и 1,2 нов р.п.
Првото место го освои 18-годишниот интернационален мајстор (ИМ) од Индија С. Асват (2.517, рангиран седми), со 7,5 поени (шест победи и три ремија), перформанс на игра од 2.659 р.п., како и нови 15,5 р.п. Како што пишува порталот „Чесбејс Индија“, Асват, во меѓувреме стана 98-от индиски шахист што ја доби својата последна норма за ВМ на 8 јуни на турнирот во Пуна.

По овој турнир тој дојде во Белград, каде што победи и ја освои паричната награда од 5.000 евра. Втор заврши 14-годишниот ФМ од Русија, Матфеј Јурасов (2,407, рангиран 23.) со 7,5 поени, додека трет е 15-годишниот ИМ од Индија, Етан Ваз (2.529, рангиран трети), со седум поени. Најдобра шахистка е ЖВМ од Казахстан, Амина Каирбекова (2.328, рангирана 50.), која со шест поени заврши на 29-та позиција.
Во категоријата Челенџ настапи и членот на ШК Мулти Есенс, 17-годишниот Драги Јакимов (1.774, рангиран 102.), кој со 3,5 поени и освоени нови 16,4 р.п., го освои 106-то место меѓу 145 учесници од 19 држави (еден ВМ, еден ИМ, шест ФМ). Победи ФМ од Србија, Алекса Петровиќ (2.181, рангиран четврти), со осум поени. Г.И.