Цената на суровата нафта денеска за првпат по повеќе месеци ја надмина психолошката граница од 100 долари за барел, поттикната од ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток и стравувањата од нарушување на глобалното снабдување.
Меѓународниот репер „брент“ во попладневното тргување достигна цена од 100,17 долари за барел, што претставува раст од околу 6,5 проценти во споредба со претходното затворање на 94,07 долари.
Во исто време, американската сурова нафта WTI се искачи на 91,54 долари за барел, што е зголемување од 5,46 проценти во однос на претходната трговска сесија.
Фјучерсите на „брент“ достигнаа највисоко ниво од 27 мај наваму, а аналитичарите растот го поврзуваат со зголемените геополитички ризици во регионот.
Пазарите реагираа по новите предупредувања од Вашингтон и Техеран, како и по информациите за напади врз саудиски нафтени танкери и експлозија на брод во Ормускиот Теснец.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе го сметаат Иран за директно одговорен доколку јеменските Хути продолжат со нападите врз трговски бродови.
– Пред една година силно ги нападнавме Хутите поради нивните напади врз трговските бродови. Доколку повторно нападнат, Иран ќе сноси одговорност и ќе следува силен воен одговор – напиша Трамп на социјалната мрежа „Tрут соушлl“.
Претходно, Хутите соопштија дека извеле напад врз два саудиски нафтени танкери со балистички и крстосувачки ракети, како и со беспилотни летала.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ги повика Хутите да не се вклучуваат во конфликтот, оценувајќи дека Иран ги вовлекува во воената ескалација.
Во меѓувреме, иранската армија предупреди дека би можела да нападне енергетски објекти во регионот доколку продолжат американските напади врз иранската инфраструктура.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападнала американски воени бази во Кувајт и Јордан, а истовремено информираше дека танкер бил оштетен во експлозија во Ормускиот Теснец. По инцидентот, уште два брода го промениле својот курс поради безбедносните ризици.
Развојот на настаните дополнително ги зголеми стравувањата за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец – клучната поморска рута преку која се транспортира околу 20 проценти од светската нафта.
Во меѓувреме, американската војска соопшти дека извршила нова серија воздушни напади врз ирански воени цели, дванаесетта ноќ по ред, додека иранските медиуми јавија за експлозии и оштетувања на повеќе локации, меѓу кои и во близина на нуклеарната централа Бушер.































