На Вашингтон не би му одговарало територијата на Косово и Метохија, која е центар на нелегалната трговија со наркотици и оружје, да ја нарекуваат „мала Америка“, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ
Потезите на Приштина за формирање војска на Косово и бришењето на границите со Албанија, го вратија политичкиот дијалог со Белград за 50 чекори назад. Со сите нивни мерки, како оние со зголемување на царините за српските производи, нема никакви сигнали за постигнување на компромис, а Белград и Приштина сѐ повеќе се оддалечуваат. Најголемата закана е обидот за создавање голема Албанија, изјави Ана Брнабиќ, премиерката на Република Србија, на последното гостување во телевизијата Пинк.
– Што се однесува за бришењето на границите, тие ќе се обидат да се извлечат од иницијативата, која ја стави на маса претседателот на Србија Александар Вучиќ. Таа се однесува на тоа да имаме една царинска унија, да имаме поврзан Балкан заради постигнување економски раст, развој, мир и стабилност. Меѓутоа, тоа е смешно да се тврди во моментот кога привремените институции во Приштина воведуваат такси на стоките од централна Србија и од БиХ. Не може да се зборува дека, од една страна, не сте за политичко туку за економско бришење на границите, а од друга страна да поставувате бариери кон Србија и БиХ – нагласи Брнабиќ.
Очигледно е дека во овој момент прашањето за границите е ставено на маса, а тоа можеше да биде ставено и пред десет години. Не може за некого да важи промената на границите, а за Република Српска да не важи, забележува српската премиерка.
– Ајде да ги видиме принципите за кои можеме да разговараме и да се обидеме да договориме компромисно решение. Се надевам дека ќе дојдеме до компромисно решение, посебно од 6 ноември лани, кога Приштина ги воведе таксите и кога се покажа колку не се во право сите луѓе што велат дека замрзнатиот конфликт е добро решение – изјави Брнабиќ.
Српската премиерка, како што рече во интервјуто за Пинк, со нетрпение ги очекува реакциите од САД, бидејќи за тоа постои една работа, која не ја сака администрацијата во Вашингтон, а тоа е воведување протекционизам кон американските производи, мислејќи притоа на воведување повисоки царински такси и за странските компании, меѓу кои е и „Кока-Кола“. Сите овие потези на Приштина, ги загрозија мирот и стабилноста, а единствена причина е зошто во регионот имаме стабилна состојба е тоа што Србија се воздржа од контраодговор на приштинските власти.
– Србија не возврати со контрамерки. Тоа ги изненади во Приштина. Мислам дека нашиот одговор им се врати како бумеранг, пред сѐ политички. Драго ми е што конечно ЕУ и САД и од меѓународната заедница го видоа вистинското лице на Приштина – додаде Ана Брнабиќ.
Претседателката на Владата на Србија се осврна и на однесување на нејзиниот косовски колега Рамуш Харадинај, кој се обидува моменталните односи меѓу Белград и Приштина да ги прикаже како односи „Русија против Америка“, што воопшто не е така.
– Ние не сме мали Руси, но сигурна сум дека и Американците не сакаат привремените институции во Приштина да ги сметаат за мали Американци. Посебно што територијата на Косово и Метохија е центар на трговија со наркотици, оружје, луѓе и од каде што имаше најголем број борци на ИСИС и не би им одговарало таа територија да се нарекува „мала Америка“ – вели Брнабиќ.