Новиот британски премиер најавува десетгодишен план за коренити промени

  • Откако ја прифати поканата на британскиот крал Чарлс Трети за формирање влада, Барнам постави „приоритети за враќање на довербата во власта, во услови на криза поврзана со животните трошоци“

Енди Барнам (56) вчера стана седмиот премиер на Велика Британија во изминатата деценија, со што се очекува тој да се соочи со низа предизвици што резултираа со смена на неговите претходници, објавуваат светските медиуми. Откако ја прифати поканата на британскиот крал Чарлс Трети за формирање влада, Барнам постави „приоритети за враќање на довербата во власта, во услови на криза поврзана со животните трошоци“.
– Сосема сум свесен дека сум шестиот човек во последните десет години што оди по оваа улица. Седмиот премиер од 2016 година. Ова е момент за размислување. Велика Британија треба да му покаже на светот дека можеме повторно да ја вратиме нашата стабилност, а тоа е нашиот предизвик: да ја направиме политиката да функционира, да ја направиме да функционира подобро. Овој момент ќе го претвориме во пресвртница за Британија, носејќи ги најголемите промени во последните 40 години. Нов политички модел и нов економски модел – кажа Барнам во својот говор одржан пред премиерската резиденција на Даунинг стрит, додавајќи дека ќе ги користи јавните набавки за реиндустријализација на Британија.
Поранешниот градоначалник на Голем Манчестер, познат под прекарот Кралот на Северот, беше кандидиран за функцијата од страна на Лабуристичката партија откако Кир Стармер поднесе оставка минатиот месец, а пратениците го сметаат за „најдобра можност“ на партијата за соочување со конкурентската партија Реформа Велика Британија на Најџел Фараж.
Новиот премиер ја презема функцијата од непопуларниот Стармер, кој во изминатите две години ја предводеше власта на лабуристите. Стармер поднесе оставка од функциите премиер и лидер на Лабуристичката партија кон крајот на јуни, откако низа скандали, погрешни чекори и политички превирања го нарушија неговото лидерство.
Велика Британија и Македонија од минатата година воспоставија стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ги зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји, со што политичките промени на островот се во фокусот и на македонската јавност.

Економијата меѓу најитните предизвици на новиот премиер

Меѓу најитните предизвици на Барнам ќе бидат економијата, односно високите трошоци за задолжување на владата, растечкиот закон за социјална помош и прашањето за мигрантите што пристигнуваат во Британија по поморски пат. Непредвидливите цени на енергијата поради војната меѓу САД и Иран, исто така се сметаат за закана за неговиот премиерски мандат.
Заменик-лидерката на Лабуристичката партија, Луси Пауел, во неделата изјави дека искуството на Барнам како градоначалник далеку од центарот на лондонската влада значи дека тој ги разбира „поголемите, похрабри мерки“ потребни за исполнување на ветувањата од изборниот манифест на лабуристите.
Барнам, кој се врати во парламентот пред само четири недели, има малку простор за маневрирање поради бавниот економски раст, високиот јавен долг и строгите финансиски правила што бараат од него да ги балансира владините трошоци со даночните приходи, сметаат познавачите на состојбите во Британија.
Барнам беше пратеник помеѓу 2001 и 2017 година, служејќи како министер за владите на Тони Блер и Гордон Браун. Оттогаш се преобрази во човек на народот, прикажувајќи опуштен народен стил заедно со елегантни видеа објавени на социјалните медиуми. Но тој има три години да донесе промени, бидејќи се очекува партијата Реформа да победи на следните општи избори во 2029 година, според испитувањата на јавното мислење.

„Последна шанса“ за поправање на состојбата

Барнам им рече на поддржувачите во петокот дека преземањето на власта од страна на лабуристите е „последна шанса“ за партијата да ги направи работите како што треба. Но неговото брзо „крунисување“ како лидер на лабуристите отвори прашања за тоа како тој ќе ги постигне своите цели. Критичарите ја обвинија владата на Стармер дека била недоволно подготвена за власт кога беше избран во јули 2024 година. Барнам, пак, инсистира дека има план. Во интервју дадено за британски „Тајмс“, Барнам рече дека ќе изнесе 10-годишен план за управување со земјата.
Тој во саботата ја укина водечката национална шема за дигитална лична карта на Стармер, која се проценува дека ќе чини 1,8 милијарда фунти во текот на три години. Според тој пропис, би се барало од сите вработени да поседуваат дигитален документ за идентификација како мерка дизајнирана за справување со нерегуларната миграција. Но меѓупартиски комитет на пратеници го осуди ова како „фијаско“.
Поголемо внимание ќе се посвети на последователните одлуки на Барнам, особено за оданочувањето и трошењето, нафтата и гасот и компаниите за комунални услуги со слаби перформанси, кои тој сака да ги види под посилна јавна контрола. Р.С.