Фото: Приватна архива

На 17 јули во „Kaldrma Cocktail Bar“ во Старата скопска чаршија ќе биде отворена самостојната изложба „Divine Line“ на младиот македонски илустратор и стрип-автор Александар Танчовски. Настанот ќе започне во 20 часот, а посетителите ќе можат да видат повеќе од триесет дела изработени во молив, мастило и водени бои. Изложбата ќе биде достапна до 23 јули, а влезот е бесплатен.

Александар Танчовски е роден во Скопје во 1997 година и е дел од современата македонска стрип-сцена. Неговиот стрип „Тешки времиња“ беше награден на Меѓународниот стрип-салон во Велес, а инспирацијата ја црпи од светски автори како Х. Р. Гигер, Зџислав Бексински и Хајао Мијазаки.

Изложбата „Divine Line“ претставува нов чекор во афирмацијата на младиот автор на домашната уметничка сцена.