„Генеративна уметност: Инспирација или имитација 2.0“ на Роберт Цветковски е поставена во КИЦ во Белград.
Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам, како носител го има познатиот академски сликар Роберт Цветковски, а ќе биде остварен во соработка со архитектонското студио АРХИКС, кого го претставуваат Ален Цветковски, Натали Велеска, Сара Велеска и Андреј Цветковски. Пред белградската публика, во галерискиот простор на КИЦ-Белград, проектот и авторите ќе ги претстави директорот Васко Шутаров.
Каде е границата меѓу инспирацијата и имитацијата во светот на глобално и брзо споделување идеи, проблеми со заштитата на авторските права, во светот на брза и евтина продукција и маркетинг, каде што акцентот се става на естетика наместо на етика? Ова е истражено од страна на архитектите од студиото АРХИКС, преку земање мотив од делата на академскиот уметник Роберт Цветковски и нивна манипулација преку различни мисловни процеси и дигитални медиуми, каде што резултатот е архитектонски концепт или проект директно евоциран од самото уметничко дело (архитектонски концепт, детаљ од објект, дури и урбанистички план). Дали може секаде да се примени овој принцип, дали може да создаде употреблив резултат и дали ги повредува авторските права? Ова истражување покажува дека границата е тенка и речиси секогаш субјективна. Заклучокот е дека овие финални производи, директно инспирирани од уметничкото дело, мора повторно да поминат низ процес на рафинирање на мислата, за да може самите да бидат креативно, оригинално и применливо дело – што ја прави разликата меѓу инспирацијата и имитацијата. Имитацијата во овој проект ќе биде доловена преку резултати од дејствувањето на ВИ врз делата на уметникот Цветковски.
Резултатите се прикажани преку изложување на самото уметничко дело од кое е земена инспирација, заедно со проектите што се инспирирани од секое дело, прикажани преку повеќе скици (процесот на преработување и рафинирање на првичната инспирација) и дигитални фотоманипулации (финалниот концепт).
Роберт Цветковски е присутен на македонската уметничка сцена повеќе од 30 години и со своето современо апстрактно сликарство ја претставувал Македонија со над 40 самостојни и над 200 групни изложби во САД, Кина, Турција, Франција итн. и е дел од уметнички колекции низ целиот свет.
АРХИКС е македонско архитектонско и дизајнерско студио, чија работа опфаќа станбени, деловни и индустриски проекти, како и ентериерен дизајн. Студиото има посебен фокус на одржливоста и планирањето базирано на податоци, одржливата архитектура, иновациите и иницијативите насочени кон заедницата.
Изложбата ќе биде поставена во КИЦ во Белград до 20 август.