Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 30-годишен скопјанец, осомничен за убиство на својот татко, извршено на 12 јули.
Според Обвинителството, трагедијата се случила по семејна расправија и физички напад меѓу таткото и мајката на осомничениот. Во обид да интервенира, синот зел нож и во дворот од семејниот дом го нападнал својот татко, нанесувајќи му повеќе од 30 убодни рани во пределот на вратот и градниот кош.
Од здобиените повреди, таткото починал на местото на настанот.
Обвинителството соопшти дека против осомничениот е поведена истрага за кривично дело „Убиство“ од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Во рамки на истрагата ќе бидат преземени повеќе дејствија за целосно утврдување на мотивите за кривичното дело, а ќе биде извршено и психијатриско вештачење на осомничениот.
Јавниот обвинител до надлежниот суд достави и предлог за определување мерка притвор, со цел обезбедување на осомничениот во текот на кривичната постапка.


































