РАЗВОЈ НА МОЗОКОТ
Кога навистина се станува возрасен? Можеби тоа е денот кога некој ќе наполни 18 години, ќе го напушти домот или ќе сфати дека никој друг нема да му закаже стоматолошки преглед. Правно гледано, зрелоста доаѓа обично на 18 или на 21 година во повеќето држави. Откако ќе го достигнете тој магичен број, можете сами да донесувате медицински одлуки, да гласате или да се ожените. Но, невролошки гледано, не е толку едноставно. Нема точен момент кога мозокот преминува од детство во зрелост.
Некој достигнува статус на возрасен во раните тинејџерски години, додека друг созрева во текот на дваесеттите години и подоцна. До пред околу десет години невронаучниците се согласуваа дека мозокот е целосно развиен до 25-годишна возраст. Но таа бројка никогаш не била поврзана со специфичен биолошки праг. Наместо тоа, идејата се чини дека произлегла од неколку влијателни студии од почетокот на 21 век, кои го следеле развојот на мозокот само до околу 20-годишна возраст. Откако истражувањата застанаа тука, 25-годишната возраст стана разумна процена што ги зема предвид потенцијалните варијации во развојот. Оттогаш сè повеќе истражувачи се обидуваат да се фокусираат на попрецизен број така што го разгледуваат развојот на специфични мозочни структури, како и однесувањата поврзани со зрелоста.
Кристијан Тамнес, невронаучник на Универзитетот во Осло, Норвешка, и неговите колеги, објавија влијателна студија што покажува дека дебелината на сивата материја на мозокот генерално се намалува во текот на тинејџерските години пред да се стабилизира во дваесеттите години. Ова не е причина за тревога. Во детството мозокот има прекумерни невронски врски, што е последица на заплетот од различни можности. За време на адолесценцијата, мозокот ги отстранува тие можности, така што мрежата од неврони станува поефикасна. Замислете го тоа како замена на еден куп споредни патишта со поедноставен автопат.
Можеби, тогаш, вистинското прашање не е кога мозокот почнува да изгледа како мозок на возрасен, туку кога се однесува како таков. Можеби треба да ја дефинираме зрелоста според извршната функција – способноста за донесување рационални одлуки, потиснување несоодветно или ризично однесување и планирање за иднината.
Периодот помеѓу 9 и 32 години се чини е особено важен за дефинирање на зрелоста. Во текот на детството и адолесценцијата, мозокот изгледа релативно сегментирано, со кластери од региони, кои првенствено комуницираат едни со други. Како што продолжува развојот на мозокот, овие граници стануваат помалку дефинирани, а комуникацијата во мозокот станува поинтегрирана. Познато како глобална ефикасност, врвот во развојот се достигнува на околу 29-годишна возраст. Посебна студија, спроведена во мај годинава, стигна до сличен заклучок.
































