Еден маж е тешко повреден откако бил прободен со рог во лицето за време на традиционалната трка со бикови на фестивалот „Сан Фермин“ во шпанскиот град Памплона. Во инцидентот се повредени уште девет лица, кои се здобиле со различни контузии.
Според шпанската новинска агенција ЕФЕ, повредениот е 30-годишен маж од Аликанте.
Несреќата се случила при краток метеж на патеката, кога неколкумина учесници паднале на земја, а еден од биковите го пробол мажот во лицето.
Во трката учествувале шест бикови и стотици учесници, кои традиционално трчаат пред животните низ улиците на Памплона сè до арената.
Овогодинешната трка траела две минути и 36 секунди, а патеката, долга 875 метри, била совладана без поголеми застои, освен инцидентот во кој беа повредени десет лица.

































