Фото: Принтскрин

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Рим, каде што порача дека процесот на пристапување во Европската Унија треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован исклучиво на исполнување на критериумите, без влијание од билатерални прашања, пренесе МИА.

На состанокот, организиран на покана на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, учествуваа министри од земјите членки на Европската Унија и од Западен Балкан, како и високи претставници на европските институции. Главни теми беа политиката на проширување, европската перспектива на регионот и неговата улога во зајакнувањето на европската стратешка автономија.

Во своето обраќање, Димитровски нагласи дека проширувањето претставува стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и отпорноста на Европа и повтори дека Македонија останува посветена на спроведување на неопходните реформи.

-Важно е да нагласам дека не бараме гаранции дека ќе станеме членка во ЕУ, туку уверување дека нашите пристапни преговори нема да зависат од билатерални прашања поврзани со историјата и идентитетот – рече Димитровски.

На панелот посветен на европската стратешка автономија и предизвиците поврзани со безбедноста на храната, синџирите на снабдување и поврзаноста, Димитровски ја истакна потребата од подобра интеграција на Западен Балкан со Европската Унија, преку унапредување на инфраструктурните, транспортните и економските врски.

Тој оцени дека зајакнувањето на регионалната поврзаност и отпорноста на синџирите на снабдување е клучно за поголема конкурентност и стабилност на целиот регион.