Фото: МВР

Во време кога безбедносните предизвици стануваат сè покомплексни и сè повеќе добиваат меѓународен карактер, јакнењето на институционалната соработка во областа на полициското образование и професионалната обука претставува клучен предуслов за ефикасно справување со современите закани. Во таа насока, Полициската академија изразува искрен интерес за интензивирање на воспоставената соработката со Интерпол и со Академијата на Интерпол, со цел размена на знаења, искуства и најдобри практики во полициското образование и обука на идните и на активните полициски службеници – порача денеска помошник-министерот во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи, Влатко Митковски.

Тој во обраќањето во Полициската академија во Идризово, каде што денеска во посета беше генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, истакна дека верува оти таа соработка ќе придонесе за организирање заеднички обуки, семинари и работилници, размена на експерти и обучувачи, учество во меѓународни образовни и истражувачки проекти, развој на современи наставни програми во согласност со меѓународните стандарди, јакнење на капацитетите за борба против организираниот криминал, киберкриминалот, тероризмот, трговијата со луѓе и другите форми на транснационален криминал.

– Убедени сме дека нашето партнерство ќе создаде нови можности за професионален развој, унапредување на полициските компетенции и градење силни меѓународни врски, засновани врз доверба, заемно почитување и заедничка посветеност кон владеењето на правото и јавната безбедност – истакна Митковски на настанот, на кој присусвтуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени, како и директорот на БЈБ, Дарко Јанев.

 

Митковски нагласи дека полициската академија е посветена на развојот на современ образовен систем, кој ги следи меѓународните стандарди и најдобрите практики во полициската професија.

Поради тоа, изразуваме подготвеност за воспоставување долгорочна соработка, која би опфатила размена на наставни програми, методологии и образовни искуства, учество на службеници, наставен кадар и експерти во заеднички обуки, семинари и специјализирани курсеви, развој и реализација на заеднички истражувачки и образовни проекти, организирање програми за професионално усовршување на полициски службеници, размена на добри практики во примената на современи технологии и иновативни пристапи во полициската обука, поддршка во развојот на програми усогласени со меѓународните стандарди и принципите на владеење на правото, човековите права и професионалната полициска етика – истакна тој.

Веруваме, продолжи Митковски, дека ваквата соработка ќе придонесе за создавање нови можности за академски и професионален развој, унапредување на меѓународната полициска соработка и подготовка на нови генерации полициски службеници способни ефикасно да одговорат на современите безбедносни предизвици.

Генералниот секретар на Интерпол, Уркиза, оцени дека Македонија сериозно пристапува кон меѓународната полициска соработка и претставува важен партнер на организацијата.

Обраќајќи се пред кадетите и раководството на Министерството за внатрешни работи, Уркиза истакна дека Центарот за обука на МВР е значајна институција за подготовка на идните полициски службеници.

– Континуираното образование и обука ќе имаат клучна улога во вашата иднина како полициски службеници. Криминалот станува сè покомплексен, а начинот на кој полицијата се обучува и учи ќе мора да се развива во согласност со новите закани. Технологијата постојано напредува создавајќи нови можности за криминалците во споредба со времето кога јас ја почнав мојата полициска кариера – рече Уркиза.

Тој посочи дека криминалот станува сè покомплексен поради технолошкиот напредок и растечката меѓународна димензија на криминалните активности поради што е неопходна силна меѓународна соработка.

– Ќе се соочувате со разни јазици, разни правни системи и разни начини на работа. Убеден сум дека во тие околности ќе го препознаете Интерпол како подготвен и доверлив партнер во вашата борба. Од соработката што ја видов на вашата граница со Албанија, како и од заедничките активности со српските власти, гледам дека Македонија сериозно пристапува кон меѓународната полициска соработка. Токму тоа го прави Интерпол сè поважен во современата борба против организираниот криминал – посочи Уркиза.

Во Интерпол, додаде тој, обезбедуваме платформа што им овозможува на земјите членки да разменуваат искуства и податоци, да соработуваат при справувањето со предизвиците и да се обединат и покрај различностите.

Нагласи дека е неопходно на меѓународните предизвици да се одговори со меѓународен одговор, а за соработката со земјата, која ја оцени како важен партнер, нагласи дека се темели на три стратешки столба.

Првиот столб, како што посочи, е поддршката што Интерпол ја добива во споделувањето знаења и експертиза со полициските образовни институции во светот.

Тој потсети дека од ноември 2025 година овој Центар е една од 28 институции членки на глобалната академска мрежа на Интерпол.

– Оваа мрежа обезбедува платформа преку која полициски служби со специјализирана експертиза во одредени области на криминалот може да го споделат своето знаење со целокупното членство и со светската полициска заедница – нагласи Уркиза.

Како втор столб ја означи великодушната поддршка преку висококвалификувани експерти, кои се приклучуваат на Интерпол како упатени службеници.

– Тоа ѝ овозможува на нашата организација да има корист од знаењата и искуството на полициски службеници кои ги поминале обуката и образованието, што имав можност да го видам за време на денешната посета. Меѓу нив е и Бранислава Стојчевски, директорка на Одделот за исчезнати и барани лица во Интерпол, која претходно беше началник на Секторот за меѓународна полициска соработка во МВР. Потрагата по бегалци во светот е една од најважните задачи на Интерпол, па затоа ова претставува силна потврда за квалитетот на полициското работење во Северна Македонија и за континуираната обука што им се обезбедува на полициските службеници. Исто така, забележувам дека и Бранислава, како и директорот Јанев, е дипломец на Средното полициско училиште. Позитивно е да се види враќањето на оваа реномирана институција, која ќе помогне во регрутирањето на новата генерација полициски службеници преку актуелниот повик за запишување 200 ученици – истакна тој.

Третиот столб, истакна Уркиза, е поддршката за користење на полициските капацитети на Интерпол и активното учество во оперативните активности на организацијата.

– Имав можност да го посетам и вашиот форензички оддел, што ми овозможува да разговараме за тоа како Интерпол и Северна Македонија може уште потесно да соработуваат преку поврзување со нашиот биометриски центар – нагласи Уркиза и го поздрави учеството на земјата во меѓународните операции против трговијата со луѓе и нелегалната трговија со оружје.

Обраќајќи им се на кадетите, тој порача дека полициската професија бара посветеност, но носи и чувство на исполнетост.

– Предизвиците се реални, но реални се и наградите. Можноста да направите вистинска разлика во животите на луѓето е она што ја прави оваа професија навистина посебна и вредна за секоја жртва што ја носи – истакна генералниот секретар на Интерпол.

„Облечи ја униформата со гордост!“ е мотото на  јавниот повик на Министерството за внатрешни работи за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година. Со него ќе се обнови средното полициско образование во државата по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996 – 2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ (Денот на македонската полиција), ќе може да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државата. Учениците што ќе се запишат ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат, МВР ќе им обезбеди работно место полицаец, пренесува МИА.