Одликуван припадник на специјалната единица „фоки“ на американската морнарица, се соочува со обвинувања за убиство со предумисла поврзани со фаталното прободување на дете-борец од Исламската држава (ИД) во Ирак, како и со отворањето оган врз ненаоружени ирачки цивили, пренесува магазинот „Тајм“.
Станува збор за Едвард Галагер кој се очекува да се изјасни за невин на сослушувањето на поморската база во Сан Диего, САД. Адвокатот на обвинетиот тврди дека неговиот клиент е лажно обвинет од незадоволни членови на „фоките“, кои сакале да се ослободат од лидерот на водот познат по строгоста. Галагер е одликуван со бронзената ѕвезда во два наврати.
Случајот е специфичен поради сериозноста на обвинувањата против елитен специјалец, како и поради вклученоста на сведоштвото на припадници на единицата „фоки“, која е позната по нејзината поврзаност и затвореност.
Обвинителството претстави приказ на високообучен борец кој се оттргнал од контрола во текот на неговата осма воена тура, пукајќи кон ирачки цивили и смртно бодејќи дете-борец на ИД за кое се претпоставува дека било на 15-годишна возраст. Во обвинението се наведува и дека Галагер го избодел тинејџерот кој бил донесен на лекување кај „фоките“ во ирачки Мосул, поради повредите здобиени во борбите со ирачката армија во мај 2017 година. Згора, сведоците тврдат оти Галагер без причина го избодел момчето, а потоа и позирал со неговиот труп.
Информациите за случајот ги собрал специјалниот истражител на американската морнарица Џо Варпински, кој разговарал со деветмина членови на „фоките“. Варпински слушнал сведоштва според кои Галагер во повеќе наврати пукал кон цивили, а потоа се заканувал кон неговите соборци во случај тие да ги пријават неговите постапки. Командирот на водот Џејкоб Портиер е обвинет бидејќи не го пријавил Галагер.
Од друга страна, фондот на „фоките“ собра повеќе од 200 илјади долари за одбраната на Галагер преку Интернет, наведувајќи дека „неговата репутација како елитен воин е оспорена само од неколкумина луѓе кои служеле покрај него“.