Надворешнотрговската размена на Македонија продолжила да расте и во првите пет месеци од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, пренесе МИА.
Во периодот јануари – мај, вкупната вредност на извозот достигнала 217,98 милијарди денари, што е зголемување од 5,7 проценти во споредба со истиот период лани. Во исто време, увозот изнесувал 306,51 милијарди денари и е повисок за 5,91 процент.
Најголем удел во извозот имаат катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници за палење за возила, авиони и бродови, делови за седишта и други видови катализатори.
Кај увозот, најзастапени се платината и нејзините легури, другите метали од платинската група, нафтените масла и деривати, како и моторните возила за превоз на патници.
Според обемот на надворешнотрговската размена, најзначајни трговски партнери на земјава во периодот јануари – мај биле Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 50,4 проценти во вкупната трговска размена.
Земјите-членки на Европската Унија и понатаму се најважен трговски партнер на Македонија, со учество од 58,2 проценти во вкупната надворешнотрговска размена.
































