Претседателот Трамп им оддаде почит на ветераните, го нападна комунизмот и го пофали „златното доба“ на Америка во својот говор од 4 Јули по повод 250 -годишнината од американската независност, објави „Си-би-ес њуз“.
Зборувајќи во Вашингтон, откако лошите временски услови предизвикаа двочасовна евакуација на Националниот мол, одложениот говор на Трамп ги измеша политиката, патриотизмот и историјата.
Претседателот им оддаде почит на ветераните, меѓу кои и неколкумина од Втората светска војна, еден од првите црни офицери што предводеше тим на специјалните сили во борба во Виетнам и Вилијам Харви Карни, кој избега од ропство за да се приклучи на Граѓанската војна како војник на Унијата, а подоцна стана првиот црнец награден со Медал на честа.
Додека ги наведуваше историските американски воени достигнувања, претседателот вклучи две свои.
– Погледнете ја Венецуела, погледнете го Иран, ние ја збришавме, ја збришавме нивната војска, рече тој, пред да го спореди потонувањето на шпанската флота во заливот Манила со нападите од оваа година врз иранската морнарица. Претседателот рече дека историскиот настан е „многу сличен на нашата неодамнешна победа со потопување на целата иранска морнарица, 159 бродови на дното на морето, сè завршено само за момент – рече Трамп.
Во сличен тон како и неговиот говор во пресрет на 4 јули, Трамп го искористи овој говор за да го нападне комунизмот, во реторика што некои ја протолкуваа како напад врз демократите пред среднорочните избори.
– Нашите воини не се бореа против комунизмот на боиштата низ целиот свет, само за таа закана да се појави со грда глава токму тука во Америка. Тоа е како рак, мора да го отстраните – рече претседателот.
Трамп повторно ја искористи можноста да го протурка Законот „Сејв Америка“ (SAVE America), кој ќе бара од гласачите да докажат дека се државјани на САД за да се регистрираат и да покажат лична карта пред да гласаат.
– Сакаме да ја одржиме Америка голема и ќе го сториме тоа со одобрување на Законот „Сејв Америка“. Повеќе нема да имате мамење на изборите, тоа е многу едноставно – рече тој.
Претседателот го заокружи својот говор со тоа што им оддаде почит и на минатите и сегашните астронаути на НАСА, на полициските сили и на земјоделците, изјавувајќи дека 250-годишнината од Декларацијата за независност е „само зората на златното доба на Америка“ и дека „најдоброто допрва доаѓа“.


































