Пожар утринава избувна на локацијата Владаја во Општина Дојран и сè уште е активен, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според ЦУК – Гевгелија, пожарот бил пријавен околу 10 часот, а на терен интервенираат две противпожарни возила на Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ со пет пожарникари, како и едно специјално возило на Територијалната противпожарна единица Гевгелија со тројца пожарникари. Локацијата ја обезбедува и полициска екипа.
Во пожарот гори деградирана шума и ниска вегетација, а силниот ветер придонесува огнот да се шири во повеќе правци.
Од ЦУК посочуваат дека пожарот засега не ја преминал државната граница, но се наоѓа во непосредна близина на Грција. За пожарот веќе известуваат и грчките медиуми од регионот на Кукуш, бидејќи чадот и пламените јазици се видливи и од грчка страна на границата.




































