Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека моделот на постепена интеграција во Европската Унија има смисла само ако претставува мост кон полноправно членство, а не трајна чекална за земјите кандидати.
Муцунски ова го истакна на панел-дискусијата „The EU and the Western Balkans: Resolving Unfinished Business Together“, која се одржа во рамки на Дубровник форумот, на покана на хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
– Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка која ќе создаде трајна чекална без врата кон целосно членство – нагласил Муцунски.
Тој оцени дека иницијативите како СЕПА и Планот за раст веќе носат конкретни придобивки за земјите од регионот преку поттикнување на реформите и обезбедување финансиска поддршка, но истовремено повика процесот на проширување да стане покредибилен, попредвидлив и заснован на јасни стандарди, рокови и резултати.
Осврнувајќи се на прашањата поврзани со македонскиот идентитет, Муцунски порача дека постојат само македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет и дека секој обид за нивно оспорување ќе добие соодветен одговор.
Тој истакна дека државата продолжува со реформите и останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Во однос на односите со Бугарија, Муцунски оцени дека со новата влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања, но и за заедничката европска иднина.
– Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми – истакнал министерот.
Во завршницата на своето обраќање, Муцунски упатил повик до земјите членки на ЕУ од Југоисточна Европа да дадат уште поактивна поддршка на европската интеграција на регионот.
„Историската шанса постои. На нас е да ја препознаеме и да ја искористиме за да одиме напред“, заклучил Муцунски.




































