Фото: МЕРМС

Македонија направи јасен стратешки избор: нашата иднина е зелена, енергетски сигурна и одржлива. Eнергетската политика повеќе не се однесува само на производство на електрична енергија. Таа се однесува на економската конкурентност, јавното здравје, заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на живот на нашите граѓани, истакнала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешниот состанок на Третиот управувачки комитет во рамки на Програмската рамка меѓу СИДА и УНДП.

На состанокот присуствувале и министерот за локална самоуправа Златко Перински, амбасадорот на Шведска во земјава Ола Солстром, постојаниот претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан и претставници на локалната самоуправа и институции.

Од Кабинетот на министерката информираат дека таа оценила дека взаемното партнерство ни помогнало да изградиме посилни институции, да развиеме иновативни решенија и да ги забрзаме реформите коишто носат реални придобивки за граѓаните.

– Владата останува цврсто посветена за резултатите постигнати преку овие напори да станат дел од нашите долгорочни национални политики. Заедно, не само што се справуваме со денешните предизвици — туку градиме почиста, позелена и попросперитетна иднина за Македонија – рекла министерката Божиновска.

Ова партнерство, нагласила Бошиновска, покажува како меѓународната соработка, националната сопственост и локалната акција можат заеднички да одговорат на едни од најголемите предизвици на денешницата: загадувањето на воздухот, климатските промени, енергетската сигурност и одржливиот локален развој.

Посочила дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја става зелената транзиција во центарот на својата агенда.

– Го забрзуваме инвестирањето во обновливи извори на енергија, ги унапредуваме мерките за енергетска ефикасност и создаваме услови за постепена декарбонизација на нашата економија. Но, зелената транзиција мора да донесе видливи придобивки за луѓето. Чистата енергија значи почист воздух. Тоа значи пониски емисии, поздрави заедници и модерни општини кои се подобро подготвени да привлекуваат инвестиции и да создаваат можности за локален развој – нагласила Божиновска.