ШАХ – ПО ШЕСТ КОЛА НА СП 2026 ЗА МЛАДИ
Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска (1.978 рејтинг-поени, рангирана 43. пред почетокот на турнирот) и Никола Павлески (1.971, 97.), и двајцата во возрасната категорија до 18 години, се најдобропласирани македонски преставници по првата половина од мечевите на Светското првенство (СП) во шах за млади (11 кола во категориите до 12, 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња), во Монтенсилвано (Италија).
Жежовска пред вчерашниот единствен слободен ден на СП 2026 има 3,5 поени (три победи, едно реми и два пораза) и е на 38. место, со рејтинг-перформанс (силина на играч) од 2.022 поени, но освои и 17,2 рејтинг-поени. Павлески со три поени (по две победи, ремија и порази) е на 70. место, со рејтинг-перформанс од 2.198 и освоени 58,8 рејтинг-поени.
Во петтото и во шестото коло Жежовска забележа победа на дуелот со ЖФМ од Мексико (2.097) и загуби од силен ЖИМ од Грузија (2.233), а Павлески двапати ремизира, со ФМ од Унгарија (2.294) и шахист од Мексико (2.217), и двајцата со многу повисок играчки рејтинг од него.
Даниел Стефаноски (1.860, 92. пред СП 2026) во категоријата до 14 години со 2,5 поени е на 102. место. Тој во петтото коло победи, а во шестото загуби. Кристијан Кавазов (1.871, 118.) засега има два поена и е на 122. место во категоријата до 16 години. Наде Смилевска (рангирана 107.) во категоријата до 16 години има еден поен и е на 103. место. На СП 2026 играат вкупно 758 шахисти (два ВМ, 22 ИМ, 14 ЖИМ, 103 ФМ, 61 ЖФМ) од 83 шаховски федерации. Г.И.

































