Македонската гробница во Агиос Атанасиос, Солун Фото - Егисто Сани

Знаменитостите на Македонија

  • На папирусот од Ком Али ел Гаман, кој му се припишува на Хиеронимос од Кардија, стои: „…го фати веднаш мажот Ксенија, кој зборуваше македонски“. А на епитафот од третиот век пр. н. е. е запишано дека девојчето Нике, кое живеело само два месеца, било од fоné makedonikên (се преведува како „од македонско потекло“ или „Македонка по род“). Ова сведочи дека јазикот, или барем споменот за него, бил жив и присутен дури пет века по смртта на Александар Македонски. Сите овие извори недвосмислено укажуваат дека македонскиот јазик постоел како посебен јазик, различен од грчкиот, и дека Античките Македонци се разликувале од Хелените не само по политичката организација и културните особености туку и по јазичната припадност. Таа разлика била толку очигледна што дури и античките автори ја забележувале и ја пренесувале во своите дела

Кон крајот на праисторискиот период, северно од Хелените се населиле Македонците, на северозапад се простирале Илирите, а на североисток живееле Тракијците – народи што античките извори често ги означувале со заедничкиот термин варвари. Оваа квалификација не била само јазична туку и културна, бидејќи Хелените ги сметале за различни по начинот на живот, обичаите и општествената организација. Нивните први допири со Хелените, доколку се исклучат оние од микенската епоха (бидејќи Ахајците не се сметаат за вистински Хелени), започнуваат со процесот на грчката колонизација. Токму тогаш започнуваат да се создаваат првите врски – трговски, културни и политички – меѓу овие народи и хеленскиот свет. Најстарите сведоштва за Македонците, Илирите и Тракијците се појавуваат дури во подоцнежни времиња и носат митолошко-легендарен облик. Иако обвиени со преданија и приказни, тие сепак имаат историска подлога, бидејќи зад митот секогаш стои вистински настан или реална ситуација. Задачата на историчарите е внимателно да ја одвојат легендата од фактите и да ја реконструираат вистинската слика за овие народи, кои во тоа време биле во постојан контакт со Хелените, но сепак ги задржувале својата посебност и сопствен идентитет.

Фрагменти од антички македонски штит пронајдени во Бонче, Република Македонија

Идентитет под сомнеж

Херодот (V, 22) прикажува епизода за учеството на Александар I (498–454 г.) на Олимписките игри, каде што Хелените „…му забраниле, знаејќи дека игрите не се за варварите, туку за Хелените“. Откако Александар успеал да докаже дека е Аргеец, било пресудено дека е Хелен и, натпреварувајќи се во дисциплината стадион, стигнал прв. Херодот заклучува „ова значи, така некако се случи“. Особено е впечатлива терминологијата што ја користи Херодот: „докажал“, „просудија“, „така некако се случи“ – што укажува на извесна несигурност. Ако Александар навистина бил Хелен, немало да постои потреба од докажување на неговото потекло. Херодот, пак, постојано го определува со епитетот Македонец.

Од друга страна, се поставува прашањето зошто на Александар му било толку важно да учествува на Олимписките игри. Одговорот лежи во историскиот контекст – тоа е време кога Македонија веќе станува значително поголема и посилна од кој било полис, па со самото тоа може да претендира на водечка улога во тогашниот свет.
– Излегувањето на меѓународна сцена било можно само преку Олимписките игри, а услов за учество било хеленското потекло. Другото прашање што се наметнува е зошто Хелените ja прифатиле оваа верзија на легендата. Се разбира од корист т.е. економски причини за да ja оправдаат својата колонизаторска политика на македонското крајбрежје – пишува Наде Проева во нејзината статија „Прилог кон историјата на Античките Македонци“.

Филип низ очите на Демостен: Македонец, а не Хелен

Демостен во своите познати говори против македонскиот крал Филип Втори – Олинтиките и Филипиките – се изразува со исклучителна погрдност кон него и неговата земја. Тој вели: „…не само што не е Хелен, не е ниту сличен на Хелените, туку варварин од земја за која ништо добро не може да се каже, туку и погубен Македонец од каде никогаш не се добивал достоен роб“ (Phil., 3, 31). Во античкиот контекст, терминот варварин не означувал само човек што не зборувал грчки јазик туку и личност чиј целокупен животен стил, култура и општествено уредување биле различни од грчките. Тоа значи дека етничката припадност не се мерела единствено преку потекло, туку пред сè преку усвојување грчкиот цивилизациски модел.

Токму тука се гледа јасната разлика меѓу Античките Македонци и Хелените. Македонците имале сопствена политичка организација, кралска династија и културни особености што не се совпаѓале со полисниот систем на Хелените. Иако со текот на времето воспоставувале контакти, влијанија и заемки, нивната цивилизациска матрица останувала посебна. Демостеновата реторика, иако политички мотивирана, сепак ја одразува реалната перцепција на разликата – Македонците не биле дел од хеленскиот свет, туку соседен народ со сопствен идентитет и сопствена историска траекторија.

Јазикот како идентитет: Македонците и нивната различност од Хелените

Во описот на судењето на Филота кај Куртиј Руф (VI, 33–36) се наведува дека Александар го прашал дали ќе зборува на татковскиот јазик. Кога Филота одговорил дека нема, за да го разберат полесно и другите присутни покрај Македонците, Александар му префрлил дека му се гади неговиот татковски јазик. Ова сведоштво јасно покажува дека грчкиот јазик не бил лесно разбирлив за Македонците, а уште повеќе дека македонскиот јазик бил различен и неразбирлив за Хелените. Плутарх, опишувајќи ги борбите меѓу Антигон и Евмен во Месопотамија (опсадата на тврдината Нора), вели: „…а војниците, штом го видоа Евмен, веднаш го поздравија на македонски“. Овој детаљ е значаен, бидејќи покажува дека македонскиот јазик бил јазик на војската и на колективниот идентитет.

Дополнително, на папирусот од Ком Али ел Гаман, кој му се припишува на Хиеронимос од Кардија, стои: „…го фати веднаш мажот Ксенија, кој зборуваше македонски“. А на епитафот од третиот век пр. н. е. е запишано дека девојчето Нике, кое живеело само два месеца, било од fоné makedonikên (се преведува како „од македонско потекло“ или „Македонка по род“). Ова сведочи дека јазикот, или барем споменот за него, бил жив и присутен дури пет века по смртта на Александар Македонски. Сите овие извори недвосмислено укажуваат дека македонскиот јазик постоел како посебен јазик, различен од грчкиот, и дека Античките Македонци се разликувале од Хелените не само по политичка организација и културни особености туку и по јазична припадност.
Оваа разлика била толку очигледна што дури и античките автори ја забележувале и ја пренесувале во своите дела.
– Каков бил тој јазик? За жал, не е зачуван ниту еден текст ниту натпис на македонски јазик. Големиот број истории за Македонија, наменети за поширока публика, биле пишувани на атички дијалект што важел како меѓународен јазик, што се потврдува и со одговорот на Филота, кој вели дека уште од порано татковскиот јазик не се употребувал во односите со другите народи – посочи своевремено Наде Проева во нејзина научна статија.