Арсениј Јовков

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (17)

  • Арсениј Јовков е човекот што ја поставил основата на македонската филмска писменост, пројавувајќи се како прв сценарист на документарен и игран филм во македонската културна ризница

м-р Никола Ристевски

Македонската културна и политичка историја од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век изобилува со маркантни фигури, кои во својот животен век успеале да ги обединат сите три клучни столба на националното будење: револуционерната акција, пишаниот збор и уметничката креација. Меѓу овие титани на македонското минато, посебно но неправедно маргинализирано место зазема Арсениј Јовков – поет, публицист, преведувач, истакнат општественик, илинденски револуционер и, како што ќе покаже современата научна мисла, првиот македонски филмски сценарист. Роден во живописното струшко село Селце, во пазувите на планината Стогово, Јовков уште од раната младост, како ученик во Битолската гимназија кон 1900 година, се вклучува во бурните текови на македонското револуционерно движење, творејќи речиси истовремено со својот славен соселанец Војдан Чернодрински. Она што го прави Јовков вистински пионер и визионер надвор од рамките на класичната книжевност е неговиот исконски усет за еден нов, тогаш напреден медиум, кој допрва ја освојувал светската сцена – филмот. Јовков е човекот што ја поставил основата на македонската филмска писменост, пројавувајќи се како прв сценарист на документарен и игран филм во македонската културна ризница.

Најзначајниот материјален и практичен филмски потфат на Арсени Јовков е документарниот филм „Македонија“ (познат и како „Македонија во слики“), снимен во 1923 година според негово прецизно изработено сценарио. Иницијативата и финансиските средства за реализација на овој историски проект доаѓаат од Илинденската организација, тело под покровителство на Македонската револуционерна организација, кое ги обединувало патриотските македонски емигранти во Бугарија. Со овој проект, основната намера била преку визуелниот медиум, на достоинствен и впечатлив начин, да се одбележи дваесетгодишнината од Илинденското востание од 1903 година и пред светот да се презентира легитимитетот на македонската борба за слобода. Пред 103 години, Македонците решиле да снимаат филм за Македонија!

Филмот бил првично конципиран и реализиран како заокружена целина во два дела, но, за жал, низ виорот на балканските историски превирања, до денес е зачуван само неговиот прв дел. И покрај тоа, зачуваниот материјал претставува непроценлив визуелен колаж и филмска рекапитулација на македонската ослободителна идеја. Јовков го гради филмот со извонредно чувство за документаристика, комбинирајќи статични и динамични елементи. Дејците на македонското револуционерно движење се прикажани преку нивни автентични фотографии придружени со кратки биографски и историски податоци испишани на телопи (текстуални меѓунаслови). Понатаму, филмот прикажува панорами на нивните родни места и градови, воспоставувајќи нераскинлива географска и духовна врска помеѓу револуционерите и македонската земја. Особено се значајни филмските кадри од градовите на Пиринска Македонија (Горна Џумаја, Банско, Мехомија-Разлог и Неврокоп), како и етнолошките снимки што ги рефлектираат автентичната македонска култура и бит. Врвната историска, емоционална и политичка вредност на овој документарен филм се наоѓа во антологиските кадри снимени на 2 август 1923 година, точно на дваесетгодишнината од Илинден. Камерата на Јовков ја регистрира величествената, свечена и длабоко тажна процесија на пренесувањето на саркофагот со посмртните останки на идеологот на македонската револуција Гоце Делчев. Ова пренесување се одвивало од куќата на македонскиот војвода Михаил Чаков до катедралната црква „Света Недела“ во Софија, каде што моштите биле изложени за поклонение на илјадници македонски емигранти, а потоа привремено погребени. Во овие кадри, Јовков ја покажал својата режисерско-сценаристичка зрелост со тоа што покрај масовните сцени со поворката составена од свештеници, роднини, илинденци и членови на македонските братства, неколкупати свесно и намерно го става саркофагот на Гоце Делчев во крупен план. На саркофагот јасно, читливо и со историска тежина е испишан заветот што и денес ги бранува македонските срца: „ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во престолот на независна Македонија. Август 1923, Илинден“.

Овој кадар не е само обична документарна забелешка; тој е врвен политички акт, визуелен манифест и директна порака за државотворниот континуитет на Македонија. Јовков преку филмското платно јасно ја артикулира идејата дека борбата за Македонија не е завршена и дека нејзината конечна цел е создавање независна македонска држава со свој главен град, каде што моштите на нејзиниот најголем син конечно ќе го најдат својот мир. Поради ваквиот отворен, експлицитен македонски патриотизам и државотворен завет, филмот бил прикажан само неколкупати, по што бил експресно и најостро забранет од страна на бугарската државна цензура, која во него видела сериозна закана за своите аспирации.

Додека документарецот „Македонија“ го потврдува Јовков како мајстор на фактографијата, неговото сценарио за играниот филм „Илинден“ го промовира во основоположник на македонската филмска фикција и драматургија. Напишано најдоцна до 1919 година (што го прави едно од првите филмски сценарија на Балканот воопшто), ова дело сведочи за исклучителното филмско чувство на авторот. Иако не е целосно зачувано бидејќи до нас стигнале само Прологот и Првиот дел, текстот нуди прецизна филмска партитура поделена на слики, каде што дејството е визуелно осмислено и дополнително објаснето со телопи.

Сценариото за „Илинден“ е напишано во манирот на т.н. „битова драма“, правец што во тоа време бил исклучително популарен во балканските театри (благодарение на Чернодрински, Мајков и други), но Јовков прави клучен чекор напред и битовата граѓа ја трансформира и ја приспособува за потребите на филмскиот медиум. Важно е да забележиме дека според некои извори, Чернодрински можеби му бил вујко на Јовков. Она што фасцинира кај Јовков е неговото теоретско и практично познавање на законитостите на кинестетската форма. Тој не пишува едноставен театарски текст поделен на чинови и дијалози; тој размислува во кадри, слики, планови и визуелни транзиции, со огромно чувство за монтажа и ритам.

„Прологот започнува со впечатлив опис на реалистички глетки за навлегувањето на Турците на Балканот. Во следната слика, низ еден пресврт, дејството преминува во експликација на надреални претстави инспирирани од митот за Крали Марко. Митскиот јунак Крали Марко носен од својот коњ скока од полиња на планини, од планини во градови (Пелистер-Прилеп)… Талка по својата унесреќена и разурната земја сѐ до средбата со Господ, кога сфаќа дека ја изгубил силата. Соочувајќи се со тоа, тој од Бога бара да го успие во петвековен сон. Потем, Крали Марко го убива својот коњ и оди во пештерите на Бабуна да се препушти на сонот. Идентификувајќи го Крали Марко со судбината на народот, јасна е алузијата на ропството…

Првиот дел на сценариото временски е лоциран во средината на 19 век, а започнува со пребарувањето на двајца намерници по гробот на Крали Марко. Пребарувајќи по планината Стогово, тие стигнуваат во селото Креснец, каде што чорбаџијата Ѓуро прави богата свадба…“

Убаво би било доколку ова сценарио се разработи и преточи во современ македонски игран филм, бидејќи Арсени Јовков со своето пионерско филмско творештво докажа дека македонската културна мисла не заостанувала зад европската на почетокот на дваесеттиот век. Документарниот филм „Македонија“ со заветот за погребување на Гоце Делчев во престолнината на независна Македонија, како и зачуваните фрагменти од играното сценарио „Илинден“, се огромни докази за визионерството на еден творец што во филмот видел моќно оружје за претставување на македонската приказна пред светот.

(продолжува)