Фото: „Нова Македонија“

Традиционалните туристички дестинации во Европа продолжуваат да доминираат

  • Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека и во Македонија расте бројот на туристи, односно бројот на ноќевања остварени во некои од домашните капацитети. Бројките откриваат дека во текот на 2024 година во Македонија биле реализирани 3.297.732 ноќевања, додека во текот на 2025 година имало 3.323.210 ноќевања, при што бил забележан благ раст од 0,8 проценти. Сепак се поставува прашањето што може да се стори за дополнително да се зголемат посетите од странство

Македонија во изминатите неколку години бележи значителен раст на бројот на посетители од странство, но и натаму се поставува прашањето како можеме да привлечеме поголем број туристи, особено пред почетокот на летната сезона. Кога се согледуваат статистичките податоци од Европа, каде што одредени земји бележат над 100 милиони ноќевања (во Шпанија, на пример, се спомнуваат и 300 милиони ноќевања на годишна основа). Македонија сѐ уште е далеку од ваквите бројки, што е разбирливо бидејќи не може да се прави споредба со држави што се далеку поголеми. Но тие долги години го граделе туристичкиот сектор, од што можат да се извлечат одредени искуства.

Податоците велат дека традиционалните туристички дестинации во Европа продолжуваат да доминираат во европските патувања и покрај протестите против прекумерниот туризам. Истовремено статистиките покажуваат дека Европа продолжува да доминира во глобалниот туризам, привлекувајќи стотици милиони меѓународни патници секоја година и зацврстувајќи го својот статус како најпосетуван регион во светот. Бројките од Европската комисија покажуваат дека шест европски земји се меѓу десетте најпосетувани земји во светот, а Шпанија, Италија, Турција, Франција и Велика Британија ги сочинуваат петте најпопуларни дестинации во Европа. Преку податоците од „Евростат“ и Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија, можно е да се види кои области на Стариот Континент се особено фаворизирани.

Низ Европа имало повеќе од 1,5 милијарда ноќевања во 2025 година, објави „Вижуал капиталист“. Додека во 1950 година тој број изнесувал 25 милиони, вели туристичкиот онлајн ресурс „Смартер травел“. Тоа оди рака под рака со глобалниот бум на патувања, кој сè уште продолжува и покрај ценовните шокови и неизвесноста од воениот конфликт на Блискиот Исток.

Расте бројот на посетители на Македонија, но недостига сеопфатен пристап

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека и во Македонија расте бројот на туристи, односно бројот на ноќевања остварени во некои од домашните капацитети. Бројките откриваат дека во текот на 2024 година во Македонија биле реализирани 3.297.732 ноќевања, додека во текот на 2025 година 3.323.210 ноќевања, при што бил забележан благ раст од 0,8 проценти.

Туризмологот Зоран Николовски за „Нова Македонија“ потенцира оти нашата земја бележи раст на бројот на туристи секоја година, но истакнува дека недостигаат одредени чекори за дополнителен развој.
– Македонија генерално секоја година оди во нагорна линија во туризмот. Секојдневно има голем број на чартер-автобуси што неколку дена престојуваат во поразвиените туристички места. Генерално фали развојна стратегија, дислокација на туристичката понуда, но и институционална поврзаност во вертикална и хоризонтална линија. Од она што го гледаме, сега се прават напори повторно да му се посвети внимание на туризмот. Сепак, споредбата со дестинации како Франција, Италија или Грција е невозможна. Тоа се високоразвиени турдестинации, пред сѐ, со таканаречениот стационарен туризам на море, кој го развивале со децении, па и векови. Македонија, за жал, сѐ уште лута што ќе понуди на некој одреден пазар. Потребно е внимание на туристичкиот пазар, развоен дестинациски менаџмент за одреден производ и поголема промоција. За жал, сѐ уште немаме бренд во туризмот, нешто што мора веднаш да се направи – потенцира Николовски.

Во однос на авионската поврзаност и колку таа може да помогне во привлекување повеќе туристи, нашиот соговорник укажува дека иако имаме добра поврзаност последниве години, сепак, таа е повеќе насочена кон извозен туризам. Поточно, ова е можност и шанса што е финансиски поприфатлива за нашите граѓани да прошетаат и да ги посетат светските туристички дестинации.
– Авиосообраќајот доста помогна во развојот на туризмот во државата. Поврзани сме со одредени дестинации, но тие дестинации се повеќе за извозен туризам, не за увозен. Ако ги погледнеме летовите, ќе видиме дека имаме многу летови до градови како Неапол, Венеција, Милано, Барселона. Што ви покажува тоа? Ние одиме натаму, не доаѓаат жители од тие градови кај нас. И тоа е добро за нашите граѓани, а за туризмот кај нас? Ако веќе спонзорираме летови, нека бидат врзани во интерес и за домашниот туризам. Но, сепак, генерално, ако сакаме да се развива туризмот, мора да го развиваме дестинацискиот менаџмент – нагласува Николовски.

Туризмот носи големи финансиски приливи

Истражување од Светскиот совет за патувања и туризам предвидува дека секторот ќе порасне за околу 3,2 отсто на глобално ниво во 2026 година – 0,8 проценти од поширокиот глобален економски раст, прогнозиран на 2,4 отсто. Се очекува туристичката индустрија да поддржи 376 милиони работни места низ целиот свет во 2026 година, што е едно од девет работни места на глобално ниво. Шпанија останува не само најпопуларната туристичка дестинација во Европа туку и низ целиот свет. Таа беше домаќин на меѓународни посетители за речиси 330 милиони ноќевања во 2025 година, лесно победувајќи ја Италија, која е следна на ранг-листата, со нешто помалку од 265 милиони престојувања, според податоците на „Евростат“. Турција и Франција се следни на листата, обете привлекоа повеќе од 150 милиони посетители со ноќевање минатата година. Велика Британија, и покрај тоа што ја напушти ЕУ, сè уште е една од успешните приказни на Европа, на петтото место, со речиси 150 милиони посетители во 2024 година.

Бројот на преноќувања во Грција, Австрија, Хрватска, Германија и Холандија, што ги заокружуваат десетте најпосетени земји, сугерира дека добар дел од европскиот туризам останува сезонски и популарен на места што имаат солидна инфраструктура за посетителите. Шпанија и Италија, заедно со Грција и Хрватска, се добро познати по нивното топло време во лето и во полугодишните сезони, како и по одморалиштата, рестораните и туристичките атракции. И покрај протестите против прекумерниот туризам, особено во Шпанија и Италија, убавите плажи и историските локалитети продолжуваат да привлекуваат посетители од странство. Во Франција, Париз не е единствен во привлекувањето огромен број туристи. Во лето, патниците се упатуваат кон француската ривиера и Прованса, додека во постудените месеци, љубителите на зимските спортови одат на поклонение во Алпите.

Рангирањето исто така открива дека не само големите земји привлекуваат голем број туристи. Австрија, омилена зимска дестинација, пречека речиси 100 милиони туристи во 2025 година, додека Хрватска истата година имаше повеќе од 85 милиони посетители, многумина поради нејзиниот живописен јадрански брег. Р.С.