Фото: Влада

Во Владата денеска свечено беше потпишан Договорот за грант во вредност од 2,4 милиони американски долари помеѓу АД ЕСМ и Светска банка, со кој започнуваат подготвителните активности за реализација на проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“, се наведува во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На настанот освен потписниците – претставници на Светска банка и АД ЕСМ присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.

Обраќајќи се пред присутните, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека денешното потпишување претставува значаен чекор во модернизацијата на македонскиот енергетски сектор и потврда за стратешката определба на државата за сигурна и одржлива енергетска иднина.

– Нашата визија е јасна – Македонија да стане земја која произведува повеќе домашна енергија и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток, но без компромис со енергетската сигурност. Колку повеќе обновливи извори на енергија интегрираме во системот, толку повеќе ни се потребни стабилни и флексибилни базни капацитети кои ќе обезбедат сигурност во снабдувањето. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем што ќе ги следи европските политики, а истовремено ќе гарантира сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството – рече министерката Божиновска.

Таа нагласи дека Македонија активно го забрзува развојот на обновливите извори на енергија, но дека паралелно со тоа е неопходно да се обезбедат стабилни производствени капацитети кои ќе гарантираат сигурност во снабдувањето со електрична енергија.

Денешното потпишување на Договорот е јасна потврда дека Македонија има визија, има план и има партнери кои веруваат во нашата иднина. и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток, истакна Божиновска.