Фото: Царинска управа

Мобилен тим на Царинската управа спречи обид за криумчарење златен накит и кршено злато во вкупна вредност од околу 1,5 милиони денари на граничниот премин Блаце.

Случајот бил откриен при влез во државата, кога инспектори од Одделението за оперативни работи, врз основа на претходно сомневање, извршиле детална контрола на патничко возило управувано од македонски државјанин.

При прегледот, царинските службеници пронашле кршено злато и златен накит со вкупна тежина од 324,7 грама. Накитот бил завиткан во црна ќеса и сокриен во фиоката под возачкото седиште со намера нелегално да биде внесен во државата.

Од Царинската управа информираат дека случајот е предаден на Одделението за истраги, кое против лицето со иницијали И.М. поднело кривична пријава до Основно јавно обвинителство во Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“, предвидено и казниво според Кривичниот законик.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со обидот за нелегален внес на златото во земјата.