Фото: МИА

Три малолетни деца, петнаесетгодишно девојче и нејзините двајца браќа на возраст од 12 и 9 години – биле пронајдени без реакција на допир на улицата „Професор Мијалковиќ“ во Куманово, информираа од СВР Куманово.

Случајот бил пријавен вчера околу 10.40 часот, по што на местото биле упатени надлежните служби.

Според првичните информации, постои сомневање дека децата биле затруени по вдишување лепак. Тие веднаш биле пренесени во Општата болница во Куманово, каде што им била укажана медицинска помош.

Од полицијата соопштија дека се преземаат сите потребни мерки и активности за утврдување на околностите и целосно расчистување на случајот.

Засега не се соопштуваат дополнителни детали за здравствената состојба на децата.