СТАВ
Ристо Никовски
Самитот на балканските кандидати со Европската Унија, одржан во Тиват во јуни, ќе се памети! Причина е целосниот пресврт што Брисел го најави во однос на проширувањето. Со нон-пејперот на Фридрих Мерц и Емануел Макрон, двете главни членки јавно обелоденија дека Унијата прекинува со проширувањето како досега и навестија идеи за некакво постепено приближување на кандидатите. А тоа, се чини, нема никогаш да води во полноправно членство. Или, евентуално, тоа би можело да се случи во многу далечна иднина. Тоа е реалноста. Толкувањата дека ова е начин за забрзување на проширувањето важат само за наивните.
Ако не беше така, зошто Берлин и Париз би размислувале за некаков нов систем за прием? Зошто би се напуштал досегашниот начин ако нема радикални и крајно негативни промени во третманот на кандидатите? А, се размислува за нешто недефинирано, за процес без јасен крај! Такво нешто не може да биде позитивно!
Впрочем, идеите од нон-пејперот се и некаква надградба на преговарачката рамка, наметната од Макрон, во 2020 година. Нејзините детали сѐ уште не дошле до израз во праксата, ама е јасно дека се практично непремостливи за кандидатите за членство! И затоа, овој пресврт е многу логичен бидејќи, според официјални анкети од пред неколку години, 62 проценти од Французите и 61 процент од Германците беа против проширување на ЕУ. Не треба да има никакви дилеми дека сега тие проценти се само – зголемени.
Во целина, идејата лансирана од Мерц и Макрон во Тиват значи создавање некаква сѐ уште недефинирана – втора лига! Дел од неа е и веќе формираната Европска политичка заедница, измислена од Макрон (2022), во која членуваат сите европски држави (47), како и четирите столба што ги објави Урсула фон дер Лајен пред неколку години.
Паралелно, за „утеха“, во Тиват беше речиси отворено најавено дека Црна Гора би можела да стане членка до 2030-та или некоја година плус-минус! Да потсетиме и дека Подгорица преговара од 2012 година! Нејзиниот прием не е случаен, го спомнувавме уште пред повеќе години. Тоа е врвен политички маркетинг на Брисел. Преку Црна Гора, со нејзините околу 600 илјади жители, што е рамно на поголем кварт во Брисел или Берлин, ЕУ „демонстрира“ дека проширувањето не е мртво а, паралелно, го – погребува!
Само Хрватска може да го оспори приемот на Црна Гора, поради отворени проблеми со неа. Клучно е прашањето со недефинираната граница кај Превлака, ама Брисел ќе најде решение. Така направи и меѓу Хрватска и Словенија, пред 15 години, преку меѓународна арбитража, а проблемот сѐ уште не е решен! За Македонија, такви можности немаше, бидејќи зад нашите блокади стои клучен меѓународен фактор. Тие не се резултат на ујдурмите на Атина и Софија, кои се само алатки во туѓи раце. Секако, тие имаат и свои интереси.
Инаку, по лажно лансираниот оптимизам во Тиват околу проширувањето, овој самит најмногу личи на одржаниот во Солун во 2003 година. И тогаш Брисел најавуваше брз прием на балканските држави и – што се случи? Апсолутно ништо. По цели 10 години, во 2013 година ја примија само Хрватска. Оттогаш немаше нови членки, и тоа ќе трае!
Дали со еден исклучок?
Со слична иновација канцеларот Мерц започна во мај, кога упати писмо до членките на ЕУ за Украина. Според него, Украина треба да добие „придружно членство во ЕУ“, да учествува на состаноците на Европскиот совет и Советот на ЕУ, ама без право на глас, да има придружен комесар и придружни членови на ЕП… Тоа е конкретен предлог на Мерц, додека во Тиват, со Макрон, лансираа само идеја. Како ќе поминат двете во Брисел, каде што веќе сѐ е наопаку – ќе видиме.
Инаку, во дипломатијата, нон-пејпер се пласира само во случаи кога се бара – спас! Тоа било измислено кога меѓународни конференции биле во безизлезни ситуации, а учесниците споделувале идеи за излез, ама без лично експонирање. Затоа и се вика – нон-пејпер. Во основата, тие не се ниту документи ниту предлози, туку само – нафрлени идеи. Конкретниов случај покажува дека и Унијата е во хаос, не само околу проширувањето, а ова значи дека се бара излез од ќор-сокакот! Необично е што зад тоа стојат две официјални личности. Затоа, овој нон-пејпер може да се смета како нешто повеќе од идеја ама, сепак, не и како официјален предлог. Ако авторите сакаа нешто да предложат, тоа не би го нарекле – нон-пејпер! А, во Тиват, на крајот, бриселската бирократија како да се дистанцираше од идеите?
За судбината на изложените идеи, прво ќе одлучува бриселската бирократија, а потоа и сите земји членки. Никој не може ни да претпостави што ќе се испили на крајот. Единствено е сигурно дека Унијата мора длабински да се реформира, дека веќе нема да се шири како досега, дека е во тешка, речиси безизлезна институционална криза и ова се очајнички обиди во барањето некаков излез. Брисел е очигледно во паника! Резултати нема, проширувањето отпадна, а тоа им беше главна причина за фалење.
Според анализите во странските медиуми, идеите од нон-пејперот важат за балканските држави и Молдавија. Второ, тие конкретно се однесуваат само за земјите што веќе преговараат. Трето, земјите што привремено ќе затворат одредено поглавје, во таа област ќе може да напредуваат во Брисел. Четврто, тоа значи дека овие идеи ќе важат за Црна Гора, ако не биде примена, за Албанија, Србија и Молдавија, која, заедно до Украина, формално ги започна преговорите во 2024 година, ама дури сега се најавува отворање поглавја. Петто, овие идеи тешко дека ќе ја допрат и Србија, која преговара од 2014 година, ама е под посебен режим заради Косово. Проблем се и нејзините односи со Русија и Кина. Шесто, како што изгледа, барем засега, овие идеи не важат за нас, Косово и Босна и Херцеговина.
Клучно е што идеите што се елаборираат во нон-пејперот се крајно неприфатливи за нас. Тоа мора да ни биде јасно. Ако идеите поминат во Брисел како нов систем за (некакво!) проширување, многу веројатно ќе бидеме ставени пред свршен чин – ако сакате да биде вклучени, мора веднаш да го промените Уставот, за да ги започнете преговорите! Ако не, останувате надвор! Тоа ќе биде нов ултиматум. Ако прифатиме, нема веќе да имаме алтернатива за откажување на вториот протокол и така да ги анулираме и обврската за промената на Уставот и рамката за преговори, преку која Македонија нема никогаш да се доближи до Брисел.
Во таков случај ќе станеме тешка жртва на бугарските фантазмагории и историски синдроми, според кои ни е стокмена и преговарачката рамка. Според неа, ќе преговараме со Софија, а не со Брисел, а главен критериум ќе бидат резултатите од историската комисија! Тоа значи дека ако не ги прифатиме бугарските опсесии дека сме „Бугарчиња по род“, со јазик нивен дијалект и заедничка, бугарска историја, Унијата ќе биде, ама и ќе остане, за нас – недостижна.
Затоа, под итно, Македонија мора да го поништи вториот протокол со Бугарија и веднаш потоа да ги постави на реципрочна основа односите со Софија (Бугари кај нас, Македонци кај нив). Мора да ни биде кристално јасно дека додека не ја натераме Софија „да проголта“ дека ние сме одвоен македонски народ, било преку примена на пресудите од Судот за човекови права, било преку некакво официјализирање на постоењето на Македонци во Бугарија (со нивно ставање во Уставот на реципрочна основа, или во некаква официјална комисија за малцинствата во Собранието…) – за нас нема ЕУ. Без таков исчекор, нема што да бараме во Брисел. Бугарија никогаш нема да дозволи наше членство доколку не ги проголтаме нивните историски синдроми. Тоа е трагичната реалност во која самите се доведовме, и сега мора сами и да се спасуваме. Никој друг не може да ни помогне. Тоа е исклучено. Нема никакви гаранции!
Ќе повториме уште еднаш – утре да го смениме Уставот, задутре тоа да важи, по една недела да ги започнеме преговорите и за три месеци да ги завршиме – нема никаде да стигнеме! Бугарското собрание никогаш нема да ратификува наше членство ако не прифатиме дека сме Бугари по род, поточно втора бугарска држава. Софија веќе не го крие тоа!
Заклучокот е јасен: ако на кој било начин Македонија биде вклучена во новите идеи од овој нон-пејпер, пред да ги расчисти односите со Бугарија – веќе нема да има можност да се повлекува од вториот протокол. Уставот ќе мораме веднаш да го менуваме и за членство да преговараме со Софија. Дипломатите велат дека тоа ќе биде – fait accompli – завршена работа, без можност за враќање. Со промена на Уставот, пак, ќе го официјализираме процесот на сопствена бугаризација, што ќе нѐ однесе на ѓубриштето од историјата. Како можност, пак, членството во ЕУ ќе биде брутално прекинато. И, по обичај, за тоа нема никој да одговара.
Ова е анализа што политичарите не би требало да ја игнорираат. Судбината на народот и на државата е во прашање. Ако не веруваат, ама и ако веруваат, треба да земат врвни странски дипломатски експерти. Мора да се избегнат грешките што се лесно можни, а ќе ни донесат непроценливи историски последици. Неспорен факт е дека дипломатските нијанси кај нас не се разбираат доволно, што е сериозен проблем. Решение се странските експерти.

































