КРАЈ НА ПОЛИТИКИТЕ НА ЕУ ЗА ВЛЕВАЊЕ СТРАВ КАЈ СВОИТЕ ГРАЃАНИ ОД „РУСКА ИНВАЗИЈА“
БРИСЕЛ, НАТО И НЕКОИ ОД ЕВРОПСКИТЕ ВЛАДИ СЀ УШТЕ ГРАДАТ ПСИХОЛОГИЈА НА ВОЈНА
- Додека европските амбасадори тивко влегуваат и излегуваат од Москва, без драматични соопштенија и сензационалистички насловни страници, во исто време европските граѓани сѐ уште се изложени на сосема поинаква реалност. Во медиумите, политичките говори и институционалните кампањи јавно сѐ уште доминира една порака: Европа мора да се подготви за можен конфликт со Русија. Оваа парадоксална ситуација отвора сериозно прашање. Ако дипломатските канали функционираат, ако постојат контакти и разговори зад затворени врати, тогаш зошто паралелно во јавноста се создава атмосфера на постојана воена тревога?
Во последните години Европската Унија постепено се трансформира од економски и политички проект во структура што сè повеќе размислува низ безбедносна призма. Кризите – од пандемијата, преку енергетската нестабилност, до војната во Украина – создадоа амбиент во кој институциите во Брисел добија можност да преземат поголема улога во области што традиционално беа надлежност на националните држави.
Европската комисија (ЕК) и новата безбедносна парадигма
Во врска со ова прашање, повеќе наши соговорници, универзитетски професори и аналитичари извлекуваат сличен заклучок. Имено, тие тврдат дека токму преку наративот за руската закана се создава политички простор за дополнителна централизација на моќта.
– Колку е поголемо чувството на опасност толку е помал отпорот кон нови надлежности, нови буџети и нови механизми на контрола. Во таа смисла, Русија станува не само геополитички противник туку и корисен политички аргумент за продлабочување на интеграцијата под водство на бриселската бирократија. За НАТО, постоењето на јасно дефинирана безбедносна закана претставува фундаментален елемент на неговото постоење – децидно тврдат нашите соговорници.
НАТО и логиката на постојана закана
По завршувањето на Студената војна, Алијансата долго време бараше нова стратешка мисија. Војната во Украина повторно ѝ овозможи на организацијата да добие јасна цел, нов политички легитимитет и драматично зголемени воени буџети. Оттука, според нашите соговорници, постои природна институционална тенденција руската опасност да биде нагласувана во максимална мера. Не затоа што заканите не постојат, туку затоа што секоја безбедносна структура има интерес да ги истакнува ризиците што ја оправдуваат нејзината улога.
Во тој контекст, секоја дипломатска можност за деескалација може да стане политички помалку атрактивна од сценариото на долгорочна конфронтација.
– Најголемите европски сили денес се наоѓаат во сложена позиција. Од една страна, нивните економии се соочуваат со индустриско забавување, енергетски предизвици и пад на конкурентноста. Од друга страна, политичките елити се соочуваат со растечко незадоволство, пад на довербата и подем на алтернативни политички движења. Во такви услови безбедносната тема станува моќна алатка за политичка консолидација. Надворешната закана отсекогаш била еден од најефикасните механизми за обединување на јавноста околу власта – тврдат нашите брифери, универзитетски професори, додавајќи дека „реториката за непосредна руска опасност има и важна внатрешнополитичка функција – да го пренасочи вниманието од домашните проблеми кон надворешен противник“!
Од брошури за преживување до психологија на опсада
Во повеќе европски држави се појави особено симптоматичен феномен. Имено, владите почнаа да објавуваат препораки, брошури и инструкции за подготвеност во случај на кризи, прекин на снабдување, сајбер-напади или воени состојби. Официјалното образложение е рационално, а тоа би било дека „современите држави мора да бидат подготвени за различни ризици“…
Во врска со ваквите примери применувани во повеќе држави на ЕУ, за кои пишувавме со конкретни примети (Шведска, Чешка итн.), нашите соговорници предупредуваат дека „ваквите кампањи имаа силен психолошки ефект“.
– Кога граѓаните постојано добиваат пораки за складирање резерви, подготвување за вонредни состојби и можни воени сценарија, постепено се создава чувство дека конфликтот е речиси неизбежен. Така се раѓа она што политичките психолози го нарекуваат „психологија на опсада“, односно состојба во која „јавноста е подготвена да прифати мерки што во нормални околности би ги сметала за претерани“ – тврдат нашите соговорници.
Воено-индустрискиот фактор
Не може да се игнорира ниту економската димензија на процесот. Европа денес сведочи на најголем бран на вооружување од крајот на Студената војна. Станува збор за стотици милијарди евра јавни средства насочени кон воени програми, модернизација и набавка на оружје. Поддржувачите на овие политики велат дека тоа е неопходно за безбедноста на континентот.
Но нашите договорници поставуваат и уште едно прашање плус. Имено, „дали во атмосфера на постојана тревога, најголеми добитници стануваат токму компаниите поврзани со одбранбениот сектор и политичките кругови што управуваат со тие процеси“, при што тие сметаат дека „колку е поголем стравот толку е поголема подготвеноста за нови воени трошоци од страна на граѓаните“.
Цената на геополитичките амбиции
Во меѓувреме европскиот граѓанин се соочува со сосема конкретни проблеми.
Поскап живот, скапа енергија, намалена индустриска конкурентност, растечки јавни долгови и неизвесна економска иднина. Според соговорниците, прашањето што сè почесто се поставува е дали Европа станува побезбедна додека станува посиромашна?!
– Безбедноста не е само број на авиони, ракетни системи, дронови и војска… Безбедноста е и силна економија, конкурентна индустрија, стабилна средна класа и доверба во институциите. Доколку тие темели ослабат, тогаш и најголемите воени буџети нема да можат да ја компензираат загубата. Можеби токму затоа „тивките дипломатски контакти“ меѓу Москва и западните престолнини заслужуваат поголемо внимание од бомбастичните политички изјави. Кога дипломатите разговараат, а реториката постепено се смирува, тоа често значи дека реалната политика почнува да се оддалечува од јавната пропаганда. Историјата покажува дека конфликтите ретко завршуваат со целосен триумф на една страна. Најчесто завршуваат со компромис што претходно изгледал невозможно – тврдат нашите соговорници, неколку универзитетски професори и аналитичари.
Тие додаваат дека најголема опасност за Европа може да биде постепеното исцрпување однатре – економско, политичко и општествено – во име на закана што постојано се најавува, но никогаш не доаѓа.
– Прашањето денес не е дали Европа треба да биде внимателна кон Русија, туку дали стравот од Русија се претвори во политички проект сам по себе. Ако е така, тогаш најголема опасност за Европа можеби нема да биде воена инвазија однадвор, туку постепено исцрпување однатре – економско, политичко и општествено – во име на закана што постојано се најавува, но никогаш не доаѓа – поентираат на крајот високите интелектуалци и искусни соговорници од кои побаравме одговор на прашањето за реалниот основ на создавањето воена психоза од страна на Брисел кај своите граѓани во ЕУ, но и кај граѓаните во другите земји на Европа што градат бенчмаркови на примерот на ЕУ-членките и нивните однесувања по различни основи. Р.С.

































