Од уреднички агол
- Постои реална можност една блокада да биде заменета со нов центар на политичко влијание. Наместо судир со бугарското вето, Македонија би можела да се соочи со многу посуптилен, но и многу помоќен механизам на одлучување концентриран во рацете на најсилните европски држави. Токму затоа е потребна трезвеност. Не смееме да ја мешаме ефикасноста со рамноправноста!
Посетата на Марта Кос во Скопје доаѓа во момент кога вниманието на македонската јавност е насочено кон новата француско-германска иницијатива за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија. На прв поглед, тоа изгледа како добра вест. По две децении чекање, конечно се нуди модел што ветува придобивки и пред полноправното членство. Но секоја голема европска реформа има и своја втора страна.
Токму затоа, додека во Македонија со право се бара начин да се надмине бугарската блокада, не смееме да заборавиме дека процесот на реструктурирање на Европската Унија што го туркаат Емануел Макрон и Фридрих Мерц е меч со две сечила.
Во суштина, ова што денес се претставува како модернизација на европското одлучување е јасен сигнал дека романтичниот концепт „една држава – еден глас“ во клучните европски политики постепено заминува во историјата.
Аргументот на големите европски сили е добро познат. Светот е во криза. Војната во Европа трае. Геополитичките ризици растат. Потребни се побрзи одлуки. А малите држави, според ова размислување, немаат ниту финансиски капацитет, ниту воена тежина, ниту глобална одговорност за да ја диктираат насоката на европската надворешна и безбедносна политика.
На хартија тоа звучи рационално. Во пракса, тоа значи постепено префрлање на политичката тежина од периферијата кон центарот. Од помалите држави кон најголемите. Од Брисел кон Париз и Берлин.
Логиката на големите сили е едноставна: ако најголемиот финансиски товар за европската одбрана го носат Германија и Франција, ако најголемата политичка цена за безбедноста на континентот ја плаќаат тие, тогаш тие ќе бараат и поголемо влијание врз конечните одлуки. Тука Македонија мора да биде особено внимателна. Да, можно е новите правила еден ден да ја намалат можноста Софија самостојно да го блокира македонскиот европски пат. Но тоа не значи автоматски дека Скопје ќе добие повеќе простор за сопствена политика. Напротив.
Постои реална можност една блокада да биде заменета со нов центар на политичко влијание. Наместо да се судира со бугарското вето, Македонија би можела да се соочи со многу посуптилен, но и многу помоќен механизам на одлучување концентриран во рацете на најсилните европски држави.
Токму затоа е потребна трезвеност. Не смееме да ја мешаме ефикасноста со рамноправноста. Не смееме да претпоставиме дека секоја реформа што ја намалува моќта на националните блокади автоматски ја зголемува правдата во европскиот процес. И уште помалку смееме да заборавиме дека историјата на Европа е исполнета со примери кога политичките центри на моќ биле убедени дека најдобро знаат што е добро за помалите народи.
Македонија нема причина да стравува од Европа. Но има обврска внимателно да ја чита Европа што се менува. Затоа, додека ја поздравуваме секоја иницијатива што може да ја придвижи интеграцијата напред, мора да ги држиме отворени сите политички сетила. Зашто најголемата грешка би била ако, во желбата да избегаме од една форма на доминација и блокади, незабележливо влеземе во друга.
Во годините што доаѓаат, вистинското прашање нема да биде само дали Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Прашањето ќе биде и каква Европска Унија ќе стане таа. За држава што со децении се бори за сопствен глас, тоа не е мала разлика. Тоа е суштината на целата приказна. Р.Н.М.

































