Фото: Маја Јаневска-Илиева

МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕКА НОВИОТ ЕВРОПСКИ МОМЕНТ, НО БАРА И РАМНОПРАВЕН ДИЈАЛОГ

  • Во фокусот на претстојните разговори и теми што ги носи еврокомесарката Кос се очекува да биде новиот француско-германски нон-пејпер, инициран од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Но суштинското прашање е што ново би можела да донесе Кос во Скопје кога клучната порака за оваа иницијатива веќе била пренесена директно до македонскиот државен врв од нејзините автори?!

На почетокот на јули во Македонија пристигнува еврокомесарката за проширување Марта Кос. Нејзината посета се случува во чувствителен момент за македонските евроинтеграции, непосредно по самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват и во период кога повторно се отвораат дебатите за можните механизми за забрзување на пристапниот процес.

Марта Кос – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од информирање од „прва рака“ во Тиват до ехо од „втора рака“ во Скопје

Во фокусот на претстојните разговори и теми што ги носи еврокомесарката Кос се очекува да биде новиот француско-германски нон-пејпер, инициран од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Документот веќе предизвикува внимание во европските и регионалните политички кругови бидејќи предвидува модел на забрзана интеграција на земјите кандидати во Европската Унија.
Н, суштинското прашање е што ново би можела да донесе Кос во Скопје кога клучната порака за оваа иницијатива веќе била пренесена директно до македонскиот државен врв од нејзините автори?!

Според дипломатски извори и јавните информации од самитот во Тиват, премиерот веќе имал можност непосредно да ги слушне ставовите на Макрон (и Мерц) за француско-германската визија за иднината на проширувањето. Оттука, посетата на Кос повеќе се доживува како „институционално дообјаснување на веќе соопштена политичка порака отколку како носење нова иницијатива“.

Тоа не значи дека посетата е без значење. Напротив. Европската комисија (ЕК) останува клучен актер во процесот на проширување. Но во јавноста сè почесто се поставува прашањето дали во вакви околности е потребно дополнително „толкување“ на пораки што веќе се добиени од највисоките политички адреси во Париз и Берлин.

Француско-германскиот нон-пејпер: Шанса или нов „ловец во квизот Потера“?

Токму затоа вниманието не е насочено толку кон личноста на Марта Кос, колку кон содржината на француско-германскиот документ. Имено, нон-пејперот предвидува „постепено интегрирање на земјите кандидати во европските политики и институции уште пред формалното членство“. Станува збор за концепт што би овозможил „постепен пристап до европскиот единствен пазар, поголемо учество во креирањето на заедничките политики и пошироко користење на придобивките од Унијата уште во текот на пристапниот процес“.

Во европските кругови ова се толкува како обид да се надмине заморот од проширувањето и да се понуди поопиплива перспектива за земјите што со години остануваат во чекалницата на ЕУ. За Македонија, која веќе две децении е заглавена меѓу политички ветувања и нови условувања, ваквиот пристап би можел да претставува конкретна можност конечно да се почувствуваат придобивки од европскиот пат и пред формалното членство. Но, не дека и ова сценарио за Македонија нема свои предизвици.

Проактивниот одговор на претседателката Сиљановска-Давкова

Во пресрет на посетата на Кос, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова јасно ја постави рамката во која Македонија очекува да се водат идните разговори со европските партнери.

Нејзината главна порака е дека државата не смее да се однесува како „мала држава“ што само слуша и исполнува задачи без право на сопствен став. Според претседателката, „Македонија мора да настапува самоуверено, аргументирано и достоинствено, секогаш имајќи предвид кого претставува и кои се нејзините национални интереси“.

Во таа насока таа отворено укажува дека „и самата Европска Унија има потреба од сериозни реформи“ и дека „методологијата на пристапните преговори не може да се сведе на еднострана комуникација во која кандидатите само ги примаат инструкциите од Брисел“.

Не може тоа да биде „молчи и слушај“, порача претседателката, нагласувајќи дека и земјите кандидати имаат право да ги изложат своите аргументи и забелешки кога сметаат дека одредени решенија не се во согласност со европските принципи. Интересна е пораката на Сиљановска-Давкова дека „Македонија треба да инсистира на политика заснована на докази“. Но, според аналитичарите, не дека и досега ние немавме или не приложувавме докази. Но, наместо со пакет емоции, таа предлага аргументирана расправа за сите отворени прашања.

Таквиот пристап претставува обид македонската позиција да се премести од дефанзивна во активна улога во европскиот процес. Наместо постојано да реагира на туѓи барања, државата би настапувала фокусирано и целно, со сопствени аргументи и иницијативи.

Исцрпеноста на европскиот наратив

Претседателката допре и до сè поизразеното разочарување кај граѓаните од долгогодишниот евроинтегративен процес. Нејзината констатација дека „морковите се изедени, а стаповите се искршени“ претставува можеби најпластичен опис на состојбата во која се наоѓа македонското општество по повеќе од две децении европски очекувања. Во јавноста сè повеќе преовладува впечатокот дека правилата не се секогаш исти за сите, а тоа ја поткопува довербата во самиот процес. Дополнителна дилема создава и фактот што Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но и понатаму останува надвор од суштинскиот напредок во преговорите. Токму затоа новиот француско-германски пристап се доживува како можност да се внесе нова динамика во процесот, кој предолго стагнира.

Пораката до Брисел од Скопје: Партнерство наместо „покровителство“

Во суштина, пораката што официјално Скопје ја испраќа пред доаѓањето на Марта Кос е многу јасна. Македонија останува посветена на европската иднина, но повеќе не е подготвена бесконечно да прифаќа модели на комуникација во кои улогата на кандидатот е сведена само на слушање и исполнување. Во најоптимистичкото сценарио за нас, француско-германскиот нон-пејпер отвора простор за ново размислување за проширувањето. Ако навистина прерасне од нон-пејпер во официјална принципиелна европска политика, како што очекува претседателката, тогаш пред Македонија би можела да се отвори нова фаза во односите со Унијата — фаза во која интеграцијата нема да биде само ветување за иднината, нема да содржи ултиматуми и уцени, туку ќе биде процес со конкретни придобивки во сегашноста. Во такви околности, посетата на Марта Кос нема да биде пресудна поради пораката што ја носи, бидејќи таа веќе е слушната од највисоките европски адреси. Нејзиното вистинско значење ќе се мери според тоа дали Брисел конечно е подготвен да ја претвори новата реторика за проширување во конкретна политика што ќе ја врати довербата во европскиот проект на просторите на Западен Балкан. И во Македонија, секако. П.Р.