Фото: ЕПА

Продлабочување на дилемата: Кој навистина може да изгради, финансира и одржува нуклеарен систем на Балканот во реални услови (2)

Ако првиот дел на анализата влезе во патеката на трката меѓу САД и Кина, ова продолжение навлегува подлабоко во техничката, финансиската и регионалната реалност на малите модуларни реактори (СМР). Прашањето повеќе не е теоретско, туку кој навистина може да изгради, финансира и одржува нуклеарен систем на Балканот во реални услови?

КИНЕСКА ПОНУДА ЗА ДЛАБИНСКА АНАЛИЗА: ДРЖАВЕН МОДЕЛ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕКСПАНЗИЈА

Кинескиот пристап не е само технолошки туку и државно-индустриски пакет. Во центарот на системот стои Кинеската национална нуклеарна корпорација што ги интегрира проектирањето, изградбата, финансирањето и оперативното управување. Клучната предност на Кина е вертикалната контрола врз целиот нуклеарен синџир.

Технолошки профил

Кина веќе работи со неколку СМР-концепти, и тоа ХТР-ПМ (високотемпературен гасен реактор), АЦП 100 „Линглонг еден“, модули за островски и мали национални мрежи. ХТР-ПМ е веќе во комерцијална работа, што ѝ дава на Кина предност во таканаречениот концепт на реалност (real-world deployment).

Финансиски модел

Кинескиот модел најчесто вклучува државен кредит преку кинески банки, пакет-инфраструктура (патишта, мрежа, пристапни системи), долгорочни договори за одржување. Ова е модел на „целосно решение“, не само реактор.
Политичка компонента

Клучниот елемент е т.н. инфраструктурна дипломатија. Во пракса земјата домаќин добива енергија, а Кина продолжува да го гради својот концепт на „Појас и пат“.

АМЕРИКАНСКИ СМР-СИСТЕМ: ТЕХНОЛОГИЈА ВО ФАЗА НА ЕВОЛУЦИЈА

Американскиот пристап е спротивен: децентрализиран, пазарно ориентиран и регулаторно тежок. Иако технолошки напреден, американскиот СМР-систем има карактеристики на бавна регулатива, високи трошоци, долги рокови за сертификација. Кои се американските мали модуларни нуклеарни реактори?

„Њускејл“ (мал модуларен нуклеарен реактор)

„Њускејл“ (NuScale) е најпознатиот американски СМР-мал модуларен нуклеарен реактор. Неговите карактеристики се дека тој модуларен реактор е со приближно ~77 MW, со високи безбедносни стандарди, целосна пасивна безбедност. Но првите комерцијални проекти се одложуваат, трошоците растат, регулаторната процедура е долга.

„Хитачи нуклеар енерџи“ (мал модуларен нуклеарен реактор)

„Хитачи“ (GE Hitachi) нуди реактор БВРХ-300 (BWRX-300). Предности му се поедноставниот дизајн, подобрената ефикасност и силната индустриска поддршка, додека недостаток е што сè уште нема целосно оперативен СМР-проект во САД.

„Холтек интернешнл“ (мал модуларен нуклеарен реактор)

„Холтек“ (Holtec) развива реактори ХИ-СМУР (HI-SMUR). Се фокусира на безбедност, складирање нуклеарен отпад и интеграција со постојни електроцентрали. Е.Р.


СМР не е „евтина енергија“, туку стабилна енергија, базна енергија 24/7, со индустриска сигурност…

Основни параметри на економската исплатливост на СМР во Македонија:
– капацитет од 300 до 600 мегавати
– инвестиција од 1,5 до 4 милијарди евра
– животен век од 40 до 60 години
Процените за цената на електрична енергија се движат на следниов начин:
од 60 до 110 евра/мегават-часови (во зависно од моделот)
конкурентна со гас и увозна струја
поскапа од хидро и сончева енергија, но за разлика од нив, исклучително стабилно производство на струја

МОЖНИ ЛОКАЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Критериуми се стабилна геологија, близина до вода, далеку од густо населени области, пристап до преносна мрежа. Потенцијални зони (теоретски) се источни индустриски региони, реони покрај поголеми водни текови, слабо населени планински подрачја. Ограничувањата се сеизмичка активност, мала територија, густина на население, политичка чувствителност.

СТРАТЕШКА КОНСТАТАЦИЈА

Македонија во нуклеарната дебата не е технички играч, туку геополитички простор. Изборот нема да биде само инженерски туку и цивилизациски, финансиски и безбедносен.

ЕНЕРГИЈАТА КАКО НОВА ГРАНИЦА НА ВЛИЈАНИЕ

До 2050 година СМР-технологијата може да стане нова индустриска револуција или нова геополитичка линија на поделба. За Македонија прашањето е едноставно, но исклучително политички тешко, а не само аспект за тоа дали ќе биде производител на енергија или само потрошувач во туѓ енергетски систем. И токму тука почнува вистинската трка, не за реактори, туку за иднината на стратегиската ориентација на државата. Е.Р.
крај


Споредба од регионот: Србија, Бугарија и Романија

Србија

Србија во последниот период официјално го отвори патот за развој на нуклеарната енергија преку измени во законската рамка и енергетската стратегија на државата. Во ноември 2024 година Народното собрание на Србија ги усвои измените на Законот за енергетика, со што престана да важи повеќедеценискиот мораториум за изградба на нуклеарни централи. Според Министерството за рударство и енергетика, оваа одлука е дел од пошироката стратегија за зголемување на енергетската безбедност и усогласување со европските политики за декарбонизација. Српската Дирекција за радијациска и нуклеарна сигурност и безбедност (СРБАТОМ) соопшти дека со законските измени официјално е укинат законот од 1989 година што забрануваше изградба на нуклеарни централи. Институцијата нагласува дека Србија веќе располага со регулаторна рамка во областа на нуклеарната сигурност, заштитата од радијација и управувањето со нуклеарни материјали. Покрај измените на Законот за енергетика, Србија усвои и стратегија за развој на енергетиката до 2040 година со проекции до 2050 година, во која нуклеарната енергија се разгледува како една од можните опции за долгорочно обезбедување стабилно производство на електрична енергија. Владините претставници истакнуваат дека растечките потреби за електрична енергија и енергетската транзиција бараат разгледување на сите расположливи технологии, вклучувајќи ги и нуклеарните. Иако Србија сè уште нема донесено одлука за конкретна изградба на нуклеарна централа, укинувањето на законската забрана претставува важен предуслов за идни инвестиции, изработка на студии, техничка документација и можни партнерства со меѓународни компании и институции од нуклеарниот сектор. Според експертските анализи, државата со ова создава правна можност во иднина да развива нуклеарни капацитети во согласност со меѓународните стандарди за безбедност и регулатива. Србија активно размислува за враќање во нуклеарната енергија. Фокус ѝ е потенцијална соработка со Русија, Франција или САД, обнова на нуклеарни експертски капацитети. Предност ѝ е индустриската традиција во енергетиката, а слабост политичката нестабилност на изборот на партнер.

Бугарија

Бугарија претставува една од ретките земји во Југоисточна Европа што имаат развиена нуклеарна инфраструктура, функционална нуклеарна централа и целосна регулаторна рамка за користење на нуклеарната енергија. Главен носител на нуклеарното производство е „Козлодуј“, единствената нуклеарна централа во земјата, која во моментов располага со два оперативни реактори и произведува околу една третина од вкупната електрична енергија во Бугарија. Според официјалните податоци на бугарската влада и Светската нуклеарна асоцијација, нуклеарната енергија претставува еден од клучните столбови на националната енергетска безбедност. Во последните години Бугарија активно работи на проширување на своите нуклеарни капацитети преку изградба на новите блокови 7 и 8 во „Козлодуј“. Владата ги прогласува овие проекти за стратешки важни не само за земјата туку и за целиот регион на Југоисточна Европа. Новите реактори треба да користат американска технологија АП1000 на компанијата „Вестингхаус електрик“ (Westinghouse Electric Company), а во проектот е вклучена и јужнокорејската компанија „Хјундаи“ (Hyundai Engineering & Construction). Според бугарското Министерство за енергетика, првиот од новите реактори се очекува да биде пуштен во употреба околу 2033–2034 година, додека вториот би следувал неколку години подоцна. За реализација на проектот веќе се обезбедуваат финансиски и институционални механизми, а во 2025 година беше постигнат договор со банката Сити за поддршка на финансирањето на новите нуклеарни капацитети. Бугарските власти нагласуваат дека новите реактори ќе помогнат во намалувањето на зависноста од фосилни горива, ќе придонесат за декарбонизација на енергетскиот сектор и ќе обезбедат долгорочна стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Паралелно со изградбата на новите капацитети, земјата инвестира и во развој на стручни кадри, научна поддршка и регулаторни институции поврзани со нуклеарната безбедност. Според официјалните изјави на бугарските власти, целта е Бугарија да остане регионален лидер во производството на нуклеарна енергија и во следните децении да ја зајакне својата улога како извозник на електрична енергија во регионот. Предност ѝ е постојното нуклеарно знаење.

Романија

Романија е лидер во СМР-партнерства со САД. Преку проектот „Њускејл пауер“ има соработка за СМР-централа. Предност е дека е прва земја во Европа со реален СМР-проект во развој. Во основа, Романија е една од најразвиените земји во Источна Европа во областа на нуклеарната енергија и веќе со децении располага со функционална нуклеарна инфраструктура, регулаторен систем и обучен стручен кадар. Главен носител на нуклеарното производство е нуклеарната централа „Чернавода“, единствената нуклеарна централа во земјата, која во моментов работи со два реактора од канадската технологија КАНДУ и обезбедува околу 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија во Романија. Романската влада ја смета нуклеарната енергија за еден од клучните столбови на националната енергетска безбедност и на енергетската транзиција кон нискојаглеродна економија. Во националните енергетски стратегии до 2050 година е предвидено значително проширување на нуклеарните капацитети преку изградба на реакторите три и четири во „Чернавода“. Според компанијата „Нуклеарелектрика“, овие проекти се стратешки важни за независноста на државата и за исполнување на европските цели за декарбонизација. Новите реактори треба да додадат околу 1.400 мегавати инсталирана моќност, а по нивното пуштање во употреба уделот на нуклеарната енергија во вкупното производство на електрична енергија би можел да достигне повеќе од 35 отсто. Според официјалните процени, нуклеарната енергија тогаш би обезбедувала околу две третини од електричната енергија во Романија што се произведува без емисии на јаглерод диоксид. Покрај проширувањето на „Чернавода“, Романија работи и на развој на мали модуларни реактори (СМР) во соработка со американската компанија „Њускејл пауер“. Романските власти го претставуваат овој проект како можност земјата да стане една од првите европски држави што ќе воведат ваков тип напредна нуклеарна технологија. Истовремено се инвестира и во модернизација и продолжување на работниот век на постојните реактори во „Чернавода“. Според официјалните институции и енергетските компании, долгорочната цел на Романија е да го зацврсти статусот на регионален производител и извозник на електрична енергија, при што нуклеарната енергија ќе има централна улога во обезбедувањето стабилно, сигурно и нискојаглеродно производство во следните децении. Е.Р.