Агенцијата за поддршка на граѓанското општество на Албанија му додели признание на претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, за неговиот придонес во работата на Националниот совет за граѓанско општество.
Ѓурѓај истакна дека признанието претставува потврда за неговата досегашна ангажираност и посветеност во застапувањето на правата и интересите на малцинските заедници во Албанија.
-Би сакал да изразам благодарност за благодарницата од Агенцијата за поддршка на граѓанското општество на Албанија, што сметам дека е резултат на мојата ангажираност – изјави Ѓурѓај.
Тој потсети дека Македонците во Република Албанија во 2021 година за првпат добиле свој претставник во Националниот совет за граѓанско општество, институција формирана од албанската Влада во 2015 година.
-Како член на Националниот совет за граѓанско општество во Тирана, од јуни 2021 до јануари 2026 година, ми беше чест, но и одговорност да бидам единствен претставник на малцинствата во оваа институција. За мене беше голема обврска да го претставувам со достоинство, одговорност и посветеност гласот и интересите на малцинствата – рече Ѓурѓај.
Тој оцени дека добиеното признание претставува дополнителен мотив за продолжување на заложбите за заштита и унапредување на правата на малцинските заедници.
-Ова признание ме охрабрува да продолжам со посветеност во служба на правата на малцинствата, со убедување дека инклузијата, дијалогот и соработката се клучни за градење пофер, подемократско и поинклузивно општество – истакна Ѓурѓај.
Националниот совет за граѓанско општество во Албанија е советодавно тело формирано со цел унапредување на соработката меѓу државните институции и граѓанскиот сектор и вклучување на различните општествени групи во процесот на креирање политики.

































