За само пет минути со воз од Маџари до центарот на Скопје, наспроти повеќекратно подолго патување со автобус по истата релација. Ваква практична споредба денеска направија претставници на медиумите во рамки на конференцијата „Traffic for All – Skopje“, организирана од здружението „Го Грин“, со цел да се прикаже потенцијалот на јавниот превоз и потребата од негово модернизирање.
Турата започна со автобус на ЈСП на релација Карпош 4 – Маџари, по трасата предвидена за идниот систем за брз автобуски превоз (БРТ). Оттаму учесниците се префрлија во воз кој од Маџари до Железничката станица во Скопје стигна за приближно пет минути, додека автобусот сè уште беше на пат.
Експертот за урбана одржлива мобилност од „Го Грин“, Дарко Арсовски Петровски, истакна дека активноста е дел од третото издание на регионалната конференција „Traffic for All“, која годинава за првпат се одржува во земјава.
– Имавме можност да патуваме по трасата на идниот БРТ-систем, а потоа со градскиот воз експресно да стигнеме од Маџари до Скопје за само пет минути. Ваквите споредби јасно покажуваат колку железничкиот превоз може да биде поефикасен во услови на сè поголем сообраќаен метеж – изјави Арсовски Петровски.
Од „Го Грин“ сметаат дека воведувањето на БРТ и развојот на градскиот воз се клучни чекори за враќање на граѓаните кон јавниот превоз и намалување на сообраќајниот притисок во Скопје.
Директорката за пруги во Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје, Ивана Бикоска, посочи дека проектот „Градски воз“ е еден од најзначајните инфраструктурни проекти за подобрување на јавниот превоз во скопскиот регион.
Таа информира дека првата фаза од проектот, на делницата Зелениково – Скопје, е реализирана 90,88 проценти.
– Во тек се работи на горниот строј на пругата, односно замена на дрвените со бетонски прагови и селективна замена на дотраените елементи. Рокот за пуштање во употреба останува 1 септември – изјави Бикоска.
Според неа, во тек е и постапка за избор на проектант за подготовка на техничката документација за преостанатите две делници – од Волково преку Ѓорче Петров и Скопје Север до центарот, како и од Миладиновци преку Илинден и Маџари до Скопје.
Директорот за патнички сообраќај, Горанчо Јовановски, нагласи дека железничкиот превоз нуди значително поголем капацитет и пократко време на патување во споредба со автобусите.
– Автобусите по возен ред ја поминуваат оваа релација за околу 65 минути, а нивниот капацитет е четири пати помал од оној што го нуди железничкиот превоз – рече Јовановски.
Тој потврди дека за стартот на градскиот воз, планиран за 1 септември, веќе се обезбедени возни средства, додека паралелно се водат постапки за набавка на нови композиции.
– Во почетната фаза, во утринските часови ќе сообраќаат два воза, а во останатиот дел од денот по еден воз, сè до комплетирањето на возниот парк – посочи Јовановски.
Цената на билетите, како што додаде, сè уште не е утврдена и ќе се дефинира во координација со Град Скопје и Министерството за транспорт.
Во меѓувреме, дел од жителите на Општина Аеродром изразија загриженост за планираната траса на БРТ во Ново Лисиче. Тие предупредија дека изградбата на последната постојка, депото и сервисниот центар би можела да зафати дел од паркот „Рајска градина“.
Жителот на Ново Лисиче, Димитар Самарџиев, изјави дека постои алтернативно решение.
– Го поддржуваме БРТ и сакаме подобар јавен превоз, но не по цена на уништување на една од најголемите зелени површини во градот. Од другата страна на улицата има државно земјиште од над седум хектари, кое е доволно за изградба на постојката и депото – рече Самарџиев.
Тој апелираше до градските власти да го разгледаат предлогот додека сè уште трае подготовката на Генералниот урбанистички план.
Конференцијата „Traffic for All – Skopje“ има цел да отвори поширока дебата за иднината на урбаната мобилност во главниот град и можностите за создавање побрз, поефикасен и поодржлив систем на јавен превоз.

































