Фото: Пиксабеј

Македонија денеска ќе биде зафатена од значителна временска промена, со пониски температури, повремени врнежи од дожд и услови за локална нестабилност, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Времето ќе биде променливо облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд, а на одделни места дождот ќе биде проследен со грмежи. Локално се очекува поинтензивна нестабилност со пороен дожд, засилен ветер и можност за ретка појава на град.

Ќе дува засилен северен ветер, особено долж Повардарието, каде што повремено ќе достигнува брзина од над 60 километри на час.

Утринските температури ќе се движат од 10 до 17 степени Целзиусови, додека дневните ќе бидат значително пониски во споредба со претходните денови и ќе достигнат од 20 до 27 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно и посвежо време. Во претпладневните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а ќе дува и засилен северен ветер, кој во одредени делови од котлината повремено ќе биде и силен. Температурата во главниот град ќе се движи од минимални 15 до максимални 24 степени Целзиусови.

Според прогнозата на УХМР, во текот на наредните денови времето постепено ќе се стабилизира. За време на викендот утрата ќе бидат посвежи, додека од почетокот на следната седмица се очекува нов пораст на температурите и враќање на потопло време.