Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата работи посветено на реализација на стратешките цели поврзани со развојот на државата и нејзината евроинтеграција, нагласувајќи дека приоритет остануваат заштитата на државните интереси и градењето добрососедски односи.

Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од најавените средби на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, Мицкоски рече дека Владата има јасен план и стратегија на кои континуирано работи.

 – Работиме темелно, посветено, чесно и напорно. Резултатите полека доаѓаат и стратегијата што ја имаме почнува да се реализира – изјави премиерот.

Тој додаде дека како човек очекува добрососедски односи со сите соседни држави, а како претседател на Владата ќе направи сѐ што е во негова моќ за да ги заштити интересите на граѓаните, државата и македонскиот идентитет.

Мицкоски нагласи дека добрососедството мора да се темели на взаемна почит и принципот на двонасочна комуникација, бидејќи, како што рече, за секој напредок се потребни две страни.

Во однос на евроинтегративниот процес, премиерот порача дека Владата никогаш не ветувала брзи и лесни решенија, туку напорна работа и поставување на работите на здрава основа.

 – Не сме ветувале чуда, бидејќи не сме чудотворци. Ветивме работа и тоа е она што го правиме. Можеби некои очекуваат побрзи резултати, но важно е процесите да се постават така што идните генерации нема да се соочуваат со проблемите што ги имаме денес – истакна Мицкоски.