Фото: Пиксабеј

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатото деноноќие регистрирало пет случаи на семејно насилство на различни локации низ државата, при што две лица се лишени од слобода.

Во првиот случај, полициски службеници од Полициското одделение Чашка вчера во 23.50 часот го привеле И.Н. (54) од село во Општина Чашка, по пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 56-годишна сопруга. Осомничениот бил задржан во полициска станица, за случајот бил известен јавен обвинител, а по неговото целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во Велес, 39-годишна жена вчера во 19.30 часот пријавила дека нејзиниот сопруг М.Ј. (41) не го почитувал решението на Основниот суд во Велес и продолжил телефонски да ја контактира и вознемирува. Полицијата презема мерки за расчистување на настанот.

Во Скопје, 54-годишна жена денеска во 01.50 часот пријавила дека претходниот ден околу 17.00 часот во дом на подрачјето на Општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Д.Н. (61). За случајот се преземаат соодветни мерки.

Полициски службеници од ОВР Делчево вчера во 22.50 часот го лишиле од слобода Б.И. (42), по пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал мајката на неговата сопруга. По целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во Штип, 34-годишна жена вчера во 13.30 часот пријавила дека во домот била нападната со тврд предмет од нејзиниот свекор Б.Т. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.