Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Акцискиот план за малцинства е целосно подготвен и усогласен со експерт за човекови права предложен од Европската комисија, а неофицијално добил поддршка од 26 земји-членки на Европската Унија, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Институтот за јавно здравје во Скопје, Мицкоски посочи дека само една земја-членка има забелешки на документот.
– Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт кој го добивме од Европската комисија. Станува збор за експерт за човекови права. Имаше две јавни расправи, нешто што ретко која држава го направила. Неофицијално, документот е усогласен со 26 земји-членки, освен со една. Истата таа земја е против и нашето приклучување кон иницијативата „Три мориња“. Тоа е реалноста – изјави Мицкоски.
На прашањето што конкретно бара таа земја, премиерот кусо одговори:
– Кога би знаел, ќе ви дадев одговор.
Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во координација со Совет на Европа и Европска комисија.
Документот содржи конкретни мерки, рокови и надлежни институции и, според Владата, е целосно усогласен со највисоките европски стандарди. Сепак, уште од јануари годинава тој е предмет на критики од страна на Бугарија.
Мицкоски и претходно изјавуваше дека уште на почетокот ги предупредил европските партнери оти, без разлика колку квалитетен ќе биде документот, постои можност да биде блокиран од Софија.
– Се случи токму тоа на што предупредував. И најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој повторно беше оспорен. Жал ми е што уште еднаш беше пропуштена можност да се покаже добрососедство. Ниту една земја-членка нема забелешки, ниту едно малцинство во државата немаше забелешки за време на јавната дебата. Проблем било што документот бил на македонски јазик – изјави Мицкоски во јануари.
На крајот од минатиот месец, по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Мицкоски повтори дека Владата е подготвена да го усвои планот веднаш штом добие зелено светло од Брисел.
– Акцискиот план е готов и чекаме сигнал од Брисел за да биде ставен на владина седница. Ние го испорачуваме тоа што го ветуваме. Но, ако билатералните прашања останат критериум за нашиот европски пат, тогаш ќе мораме да се бориме на друг начин. Нашата стратегија останува фокусирана на реформите кои ни се потребни пред сè нам самите – нагласи премиерот.
Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев, говорејќи пред Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, изјави дека Софија поддржува проширување на Унијата, но исклучиво врз основа на реални заслуги и спроведени реформи.
– Нашата позиција е дека не треба да пренесуваме наследени политички и историски проблеми во Европската Унија и ќе продолжиме цврсто да ја браниме таа позиција – изјави Радев, додавајќи дека евроинтеграциите подразбираат реформи во правосудството, владеењето на правото, заштитата на човековите права и развојот на добрососедските односи.




































