Во Институтот за јавно здравје денеска официјално беше отворено првото психолошко советувалиште за деца и адолесценти во државата, кое ќе обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници преку системот „Мој термин“, соопшти директорката на Институтот, Марија Андоновска.
Според Андоновска, советувалиштето е дел од пошироките активности за унапредување на здравствените услуги и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.
– Денеска за првпат го отвораме психолошкото советувалиште за деца и адолесценти, единствено од ваков вид во државата. Целта е стручни лица да работат со деца, тинејџери, родители и наставници во надминување на емоционалните, семејните и училишните предизвици. Ќе се нудат разговори, насоки и поддршка не само за справување со проблемите, туку и за поттикнување на емоционалниот развој, комуникациските вештини и надминување на бариерите со кои се соочуваат децата во предучилишна, училишна и адолесцентска возраст – изјави Андоновска.
Таа посочи дека услугите ќе бидат достапни преку упатување од матичен лекар и преку системот „Мој термин“, со што психолошката поддршка ќе стане подостапна во рамките на јавното здравство.
– На овој начин граѓаните ќе можат преку своите матични лекари во секое време да ги користат услугите на советувалиштето. Целта е полесно надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат децата и тинејџерите во општеството – додаде таа.
Покрај отворањето на советувалиштето, во Институтот беше презентирана и нова медицинска и лабораториска опрема, како и апаратура која претходно не била ставена во функција. Андоновска информираше дека во изминатиот период биле создадени просторни и технички услови за активирање на дел од скапата опрема која со години не се користела, а воедно биле набавени и нови уреди согласно потребите на одделенијата.
Меѓу новитетите е и станица донирана од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која во реално време обезбедува податоци за радиоактивноста во воздухот, како и нова компјутерска опрема за потребите на Институтот.
Директорката истакна и дека е проширена листата на лабораториски услуги со воведување анализи кои досега биле ограничено достапни во јавното здравство.
– Институтот ги презема и овие дијагностички услуги за да им овозможи на граѓаните кои немаат финансиски можности да ги користат во приватните лаборатории, да можат да ги добијат и во државното здравство – рече Андоновска.



































