Фото: ЕПА

КОШАРКА

Комесарот на НБА, Адам Силвер, изјави дека останува планот за почеток на НБА Европа во октомври 2027 година, со конечни понуди за постојани франшизи до крајот на јуни, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Лигата има рекорден интерес за предложеното натпреварување и НБА тесно соработува со Светската кошаркарска федерација на проектот, што би го означило најамбициозното меѓународно проширување на лигата. Наша надеж и очекување е лигата да биде лансирана во сезоната 2027/2028 во Европа. На добар пат сме. Се очекува во лигата да има 16 тима, вклучувајќи 12 постојани франшизи и четири дополнителни места достапни преку квалификациски процес за клубовите низ Европа – рече Силвер, пренесе „Ројтерс“.
Пробивот на НБА во Европа доаѓа во услови на растечко меѓународно влијание врз лигата. Силвер вели дека околу 15 отсто од играчите во НБА се Европејци, вклучувајќи ги и врвните ѕвезди. Предложеното натпреварување во Европа би влегло на пазар на кој моментално е Евролигата, која ги опфаќа повеќето кошаркарски сили на континентот. Силвер рече дека разговорите со Евролигата продолжуваат.
– Се надеваме дека можеме да најдеме начин да ги интегрираме овие операции со Евролигата, но ќе продолжиме напред во секој случај – рече Силвер, кој додаде и дека прашањето дали сегашни играчи на НБА можат да инвестираат во тимови од НБА Европа останува нерешено и ќе треба да се разговара со Националната асоцијација на кошаркари.
Силвер изјави дека НБА ги продолжува и дискусиите за можно проширување во САД, а Лас Вегас и Сиетл остануваат фокус на лигата, пренесе „Ројтерс“. Г.И.