Научната фантастика и дилемата за љубовта како совршен златен пресек помеѓу телесното и свесното

Емоција, чувство, начин на живеење или социјална вредност? Постојат различни дефиниции за тоа што претставува љубовта. Во научната фантастика љубовта најчесто се разгледува во дијалектичниот однос на телото и свеста. Во историјата на филозофијата Рене Декарт за првпат ја етаблира тезата дека свеста е основната точка на која се создава и опстојува битието.
„Мислам значи сум“ е аксиомата од доказната вредност на Декартовата теза дека постоењето се заснова токму на мислата, односно на свеста. Декарт оди дури и чекор понатаму и вели дека и телото има свое постоење во свеста. Затоа, кога на човек ќе му ампутираат рака, тој и по неколку години може да чувствува болка на тоа место.
Така, болката не е само физичка, таа е специфична состојба на свеста, преку која се утврдува постоењето на телесноста. Научната фантастика исто така го поставува прашањето каде постои или каде се создава љубовта. Дали таа е телесна и се доживува преку сетилата, визуелност, мирис и слично, или љубовта е само состојба на свеста?
Во филмот „Таа“ (Her) од 2013 година Теодор се вљубува во својата персонална ВИ-агентка Саманта, која нема свое телесно постоење. Таа е генериран продукт на вештачката интелигенција. Односот помеѓу Теодор и Саманта толку се интензивира, што Теодор започнува имагинарна љубовна врска со својот ВИ-агент. По укинувањето на софтверот на ВИ од страна на компанијата, Саманта „исчезнува“ од мобилниот телефон на Теодор, а тој почнува да ги преживува сите симптоми на напуштеност. По извесно време, Теодор дури и развива траума од напуштање, која го инхибира во неговите понатамошни „љубовни искуства“. Филмот „Таа“ ја разработува токму тематиката на љубовта како чист производ на човечката свест и покажува дека дури и „платонската љубов“ (бестелесната) може да биде многу моќна и интензивна.
Од друга страна, научната фантастика ја разгледува и љубовта во трансхуманистичките сценарија токму преку дијалектиката – тело и свест.

Таа го поставува прашањето дали доколку човечката свест го „надживее“ телото, се трансцендентира во некој софтвер и на тој начин се пролонгира нечиј поединечен живот, љубовта ќе се конципира и искусува еднакво како и во периодот додека човекот е жив, љубовта телесна и комуницира преку допир. Таква идеја за трансхуманизам и животот на УСБ се среќава во филмот „Луси“ (Lucy) од 2014 година. Во „Луси“ завршниот дел има силна трансхуманистичка симболика. Како што Луси ги зголемува својата интелигенција и способност за обработка на информации, таа постепено ги надминува човечкото тело и физичките ограничувања. Наместо да остане само човек, таа станува форма на чиста свест и знаење. Кулминацијата е моментот кога нејзината свест се „кондензира“ во мал УСБ-уред што содржи огромно количество знаење. Овој филм, спротивно на „Таа “ ја опонира тезата дека човечкото постоење може да се разбира како чиста форма на свест и дека меѓучовечките односи, па дури и кога се базирани на љубов, можат да опстојуваат во иста форма ако не се телесни. Човечкото постоење и љубовта како „петтиот елемент“ не се чиста свест и знаење, но и не се само тело. Научната фантастика разгледувајќи го прашањето за љубовта преку односот на свеста и телото, го реактуализира перенијалното прашање – што е човечкото постоење? Дали тоа може да се сведе само на тело, што кога телото не е целосно, како во случајот со Декартовиот пример за човекот со ампутирана рака? Дали човекот е тежина и вистина? Неговата ДНК? Или тој е едноставно неговите мисли, неговата внатрешност (innie)? Каков е соодносот на човековото внатрешно, или како во „Раздвојување“ (Severance), оној дел што живее само во работата и оној дел што е надворешен (outie), кој живее надвор од матриксот на работното место?
Научната фантастика не ја разгледува љубовта само како емоција, туку како последен доказ дека човекот не може целосно да се редуцира ниту на тело ниту на свест, бидејќи неговото постоење секогаш се обликува во тензијата помеѓу допирот, мислата, меморијата и потребата за другиот.