Рецензија
- Кон претставата „Логор/Голгота“ по текстовите на Мирослав Крлежа во режија на Нина Рајиќ Крањец и во продукција на Загрепскиот театар на младите, Загреб, Хрватска. Улогите ги толкуваат: Лука Кнез, Дадо Ќосиќ, Адриајн Пездирц, Ракан Рушаидат, Уго Корани
Мирослав Крлежа ги објавува своите две политички драми „Во логорот“ и „Голгота“ во 1920 година, токму во времето кога Европа го доживува својот политички реконвалесцентски период по Првата светска војна. Полни со реторички пасажи, со силни идеолошки конфликти, овие две драми не зборуваат за бесмислата на војната, туку за интимно-идеолошките прекројувања, но и за судбинските превирања на благородништвото и работничката класа. Секако, Крлежа во сите свои дела говори со симпатија кон работничката класа, но левичарскиот кластер на неговите дела, особено драмите, е политичка конвергенција на две внатрешни струи: оние што сакаат материјална добивка и оние што сакаат коренита општествена промена.
Нина Рајиќ Крањец во својот режисерски концепт ги отвора сите овие прашања, кои, иако низ дезориентираната адаптација на Горан Ињац, сепак допираат до нас. Имено, класните движења низ подвоеноста на ликовите и во двете драми на Крлежа се основата на, би рекол, реквиемското читање на овие две драми каде што низ репетиториумот на настаните и релациите меѓу ликовите оваа храбра режисерка ни предочува една крупна историска рециклажа за која можеби не сме свесни читајќи го континуирано нашиот опстанок во медиумските витли. Во ова нејзино видување на политичкиот инает во Првата светска војна, ликовите веќе си го одживеале своето и стануваат историска каденца што се најавува низ секое ново издигнување на спротивставувањето, т.е. низ секое ново политичко прекројување на Европа, а по овие две драми, низ сите војни ги имало многу. Токму затоа, оваа четиричасовна претстава нè потсетува на „кругот што се детонира“ низ полкови и топови и „кругот што се детронизира“ низ идеологија и политичко профитерство. Нина Рајиќ Крањец, за театарските сладокусци, уште повеќе го усложнува комплицираното дејствие и во двете драми на Крлежа, создавајќи едно навидум конфузно театарско дело, кое секако дека има свое уметничко напластување, а тоа се: гротескното ниво, реалистичните стории и имагинарните повремено апсурдистички сцени. Овие три нивоа во нејзиното режисерско видување се менуваат како што се менуваат судбините на ликовите, но и како што се менуваат цивилизациските струења, така што во нашите впечатоци добиваме претстава што ги допира нашиот личен страв и конфузија кога е во прашање војната, која или надоаѓа или можеби ја претчувствуваме. Иако преполна со симболи и со дејствија што се преклопуваат едно во друго, оваа претстава зборува за едно време што навистина нè потсетува дека токму нашата неснајденост ќе нѐ одведе далеку во недокваканоста што подразбира јалов патриотизам и деструктивно воено и политичко профитерство.
Секако, она што најмногу импонира во ова особено чудно видување на двете пиеси на Крлежа е актерскиот индивидуализам, кој преку спојувањето на два лика од двете драми на Крлежа станува цврста основа за органиката на целата претстава. Тука пред сѐ мислам на Ракан Рушаидат, кој својот конфликтен Валтер и несреќниот Ксавер ги одигрува со силен емотивен набој, со голема динамика, додека наспроти него е Грегор, рационален лик што се обидува да го контекстуализира безумието на војната, како и неспокојниот Андреј, два лика што со голема прецизност ни ги донесува Дадо Ќосиќ, актер што во овие два исклучително комплексни лика додава и ирониски состојки, правејќи ги тензичните „жолти и црвени“ ситуации особено интересни. Секако, тука е и сјајниот и талентиран Уго Корани, кој прави извонредна трансформација на лик, кој од ситниот кадет Јанковиќ во „Логорот“, прераснува во бескрупулозниот Кристијан во Голгота, кариерист и безочна индивидуа што гази преку лешеви за свој напредок. Наспроти овие три актери, Лука Кнез како Хорват и Адријан Пездирц како Аграмер се ликови на чии актерски столбови се држи целата актерска енергија. Лука Кнез одигрува млад кадет чиј нихилизам е основниот проблем во целото дејствие. Тој е млад и динамичен воин, кој сепак мисли дека неговиот поглед кон светот треба да биде мрачен, неразумен и деструктивен. Шокантен како лик, во интерпретација на овој млад и умешен актер, овој Хорват помалку зрачи со младешка бунтовност, можеби и ирационалност, лик што се обидува да ги нарече нештата со вистинското име, а тоа е можеби и интенцијата на самиот автор. Адријан Пездирц како Аграмер, особен контраст на Хорват, заговара доминација и бесчувствителност, можеби типична за воените времиња, лик што Пездирц го одигрува со еден многу интересен и продуктивен цинизам што одушевува.
Овде би потенцирал дека двојството на ликовите и двата есенцијални ликови во „Логорот“ се матрицата по која се движи дејствието, кое повеќе го читаме отколку што го следиме како приказна. Имено, она што најмногу импонира во оваа претстава е токму таа читливост, на која веројатно Нина Рајиќ Крањец инсистира оставајќи го тој куп симболи да потсетуваат, да навестуваат и да шокираат, куп симболи на војната и современата недозреаност да се започне нова војна можеби се и отворена книга што конечно можеме да ја читаме и како театарски есеј, видување што кога ќе се обидете да го метаболизирате ви остава впечаток налик на масивноста на текстот на Петер Вајс „Естетика на отпорот“. Секако, за тоа придонесуваат и другите актери и актерки, кои со своите епизодни улоги отвораат еден свет во голема мера наслоен со историја, интимен апсурд, несигурност, мрачен и намерно недоречен реализам, а тоа се: Пјер Меничанин (Подравец/Тома), Тома Медвешек (Заставник, Болтек/Клемент), Иван Пашалиќ (Ордонанц, Хајнрих), Катарина Бистровиќ Дарваш (Бароницата Мелдег-Краненштег/Докторот и Коњаникот 1), Миа Мелчер (Романович – Рускова/Жената на Ксавер), Дора Полиќ Витез (Евреинот, Мртвата учителка, Сексуалната работничка/Вториот ќор работник, Коњаникот 2/Вдовицата), Анѓела Рамљак (Трубата, Сестрата на Аграмер, Јесенски, Диригентката, Сексуалната работничка/Првиот работник, Американката/Вдовицата), Ива Краљевиќ (Сексуалната работничка/Жената на Кристијан) и Петра Свртан (Некој/Секој).
Растурени низ сцената на ЗКМ се дисперзираната, но колоритна сценографија на Урша Видиц, и живописната костимографија на Марина Сремац, кои го контекстуализираат визуелното лудилото на војната, која можеби уште не стигнала во вистинската форма во која ја очекуваме, а можеби и ќе ја имаме за кратко тука, на чекор до нас, на што нѐ упатува музичката илустрација на Бранко Рожман.
„Во логорот“ и „Голгота“ на Мирослав Крлежа се повеќе политички отколку воени драми и покрај тоа што во нивното јадро стои дескрипцијата на воениот виор, но тука се и библиските мотиви и во двете драми каде што покрај Исусовите ученици, па и самиот Исус (Кристијан), во „Во логорот“ се појавува полски (Вечниот) Евреин што го бара „излезот“, една сосема поинаква симболика што Нина Рајиќ Крањец ја допира, но ја потопува во осовременувањето на ирационалноста на политиката што води кон војна. Во оваа претстава сè е јасно уште на самиот почеток и тоа е тој специфичен иреверзибилен миг од кој тргнува и драматизацијата, а и режисерскиот концепт за да се дојде до несудениот апсурд, кој на средината од минатиот век беше драмски и книжевен правец, а сега е инспирација од самата реалност и тоа е она што импонира, зашто и самиот Крлежа во еден момент во „Во логорот“, вели: „Под нозете, здравиот разум останува згмечен како мозок со јајце на чинија!“
Сашо Огненовски
































