Како Америка гради нова архитектура на стабилност преку енергетика, инфраструктура и капитал
- Наместо цртање нови граници, Вашингтон се обидува да создаде нови коридори. Наместо поделби, интеграции. Наместо политички договори што траат додека трае притисокот, економски интереси што траат со децении
Кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа, многумина на Балканот очекуваа драматичен пресврт во американската политика. Одредени кругови во Брисел, во спрега со националсепаратистички кругови во повеќе држави на Балканот, веруваа дека доаѓа време за преиспитување на постојните граници, ревизија на старите договори и отворање прашања што со години мируваа под чадорот на западната дипломатија. Но додека јавноста беше фокусирана на политичките пораки и симболиката, американските институции продолжија да работат на нешто сосема друго. На терен почна да се појавува поинаква стратегија.
Не стратегија на нови поделби, туку стратегија на нови поврзувања, преку гасоводи, електроенергетски мрежи, транспортни коридори, пристаништа и инвестиции вредни милијарди долари. Станува сè поочигледно дека во Вашингтон денес Балканот се гледа како геоекономски простор, а не како колекција од етнички конфликти.
Големата лекција од Украина
Војната во Украина фундаментално го промени американското гледање на Европа. Во Вашингтон сфатија дека енергетската политика може да биде еднакво влијателна како и воената. Затоа денес американската стратегија не е насочена (само) кон безбедносна заштита на сојузниците, туку кон нивно енергетско доближување до САД.
Балканот има особено место во таа комбинаторика. Регионот останува една од ретките европски области во кои Вашингтон не успеа со своето влијание да има целосни позиции по своја мера. Оттука и американската амбиција да создаде нова мрежа на инфраструктурни врски.
Од Босна до Грција – една иста карта
Проектот „Јужна интерконекција“ во Босна не е изолиран случај. Тој е само дел од многу поширока слика. Последните години САД активно ги поддржуваат терминалите за течен природен гас во Грција и Хрватска, новите интерконектори меѓу Грција и Бугарија, енергетските врски кон Србија, Македонија и Косово, како и развојот на транспортните коридори што треба да го поврзат Јадранот со Црно Море.
Кога сите овие проекти ќе се погледнат на една карта, станува јасно дека не станува збор за поединечни инвестиции. Станува збор за создавање нов економски појас на Западен Балкан. Појас што постепено треба да стане составен дел од еден интегриран економски систем.
Токму затоа американските дипломати сè почесто зборуваат за „конективност“, термин што во суштина значи поврзување на државите преку инфраструктура, енергија и трговија.
Новата формула: Ако не можеш да ги натераш да се сакаат, натерај ги да заработуваат заедно
Во изминатите три децении Балканот беше лабораторија на мировни договори. Да споменеме некои од нив: Дејтон во Босна; Охридскиот договор во Македонија; Бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина и други безброј дипломатски иницијативи. Но сите тие имаа заедничка слабост. Создаваа политички рамки, но не создаваа доволно заеднички интереси.
– Новата американска логика е поинаква. Ако една електроенергетска мрежа поврзува неколку држави, никој нема интерес да ја дестабилизира. Ако низ неколку земји минува ист гасовод, сите имаат интерес тој да функционира. Ако милијарди долари инвестиции зависат од регионална стабилност, тогаш стабилноста станува профитабилна.Тоа е суштината на новиот пристап.Не е потребно сите да се согласуваат за историјата. Доволно е да се согласуваат за иднината – вели еден наш соговорник, американски дипломат во Албанија со кого викендов разговаравме на оваа тема.
Македонија во новата архитектура
Во таа поширока слика и Македонија добива значајна улога. Македонија се наоѓа на пресекот на повеќе енергетски и транспортни коридори што ги поврзуваат Грција, Србија, Албанија и Бугарија.
– Интерконекторот со Грција, пристапот до новите ЛНГ-терминали во Егејот и идните регионални електроенергетски врски не се само економски проекти. Тие претставуваат дел од процесот на стратешко вградување на земјата во новата балканска инфраструктурна мрежа. Од американска перспектива, секој нов километар гасовод или железница е истовремено и километар политичка стабилност – вели нашиот соговорник.
Зошто Вашингтон не сака прекројување на постојните граници
Постојат многу митови дека големите сили периодично подготвуваат нови карти за Балканот. Но реалноста покажува нешто друго.
– За американските стратези, отворањето на прашањето за границите би значело отворање низа нови конфликти што би можеле да ја дестабилизираат цела Југоисточна Европа. Во време кога САД се соочуваат со предизвиците на Кина, Русија, Блискиот Исток и Индо-Пацификот, Балканот не е простор каде што Вашингтон сака нови кризи. Напротив. Американската цел е регионот конечно да престане да биде безбедносен проблем и да стане економска зона на раст. Затоа во најновите американски стратегии доминираат зборови како „енергетска сигурност“, „отпорност“, „поврзаност“, „инвестиции“ и „инфраструктура“, а многу помалку зборови како „територијални спорови“ или „етнички конфликти“. Слободно погледнете го најновиот извештај на Стејт департментот до Конгресот и ќе се уверите – тврди нашиот соговорник американски дипломат.
Балканот како енергетска заедница
Можеби најважната промена е што Вашингтон повеќе не ги гледа балканските држави поединечно. Се формира нов концепт на регионот како единствен економски простор.
– Во еден таков, ајде да речеме, нов модел, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна не се конкуренти туку делови од една поширока инфраструктурна целина. Да потсетам, тоа е логика многу слична на онаа што по Втората светска војна ја создаде денешната Европска Унија. Европската интеграција не започна со политика. Започна со јаглен, челик и енергија. Вашингтон денес се обидува да примени слична формула на Балканот – ни посочува нашиот соговорник.
Новиот американски Балкан
Затоа вистинската приказна не е дали некој гасовод ќе помине низ една или друга општина, ниту дали една или друга компанија ќе добие концесија. Поголемата приказна е дека Америка постепено гради нов модел за регионот. Модел во кој стабилноста нема да зависи само од дипломатски посредници, меѓународни претставници и мировни договори, туку од нешто многу поопипливо. Од заеднички интереси, капитал, енергија, инфраструктура, односно од милијарди долари што ќе имаат смисла само ако Балканот остане мирен, поврзан и интегриран.
– Ако овој план успее, следната голема фаза во регионот ќе биде дефинирана од нови коридори, нови мрежи и нова економска меѓузависност.Токму тоа, повеќе од сè друго, изгледа како визија што денес Вашингтон ја има за Балканот – поентира на крајот на брифингот нашиот соговорник, американски дипломат што престојува во Република Албанија. Р.С.



































