Фото: Пиксабеј

Песни што ме тераат да играм

Има нешто посебно во тие што ги осознале 1980-тите. Не мислам на начин само да ја живееле таа декада, ете така се нашле тука случајно и гледале да ја истераат, туку мислам на оние што го живееле тој период, оние што граделе, создавале, оние што го осознале животот толку слободен и прекрасен. Тоа можеле да бидат оние генерации родени во 1960-тите, 1970-тите, па дури и 1950-тите. Е тие генерации можам да ги препознаам по начинот на одење, на стоење, на зборување, по насмевката, која е тажна и тамам кога ќе спомнеш нешто за 1980-тите станува ведра, радосна, исполнета, како де се вратени во тој некој нивен прекрасен момент од тоа време.
Тоа е време на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и, според некои податоци, време кога најмалку се пиело во Босна и Херцеговина, во Македонија имало најмногу трособни станови со најмлади невести и младoженци, во Србија најмногу телефони, во Хрватска најмногу автомобили и најголем број лекари, во Словенија највисоки примања, а во Црна Гора најголем број повратници од странство. Но тоа е и декада на негативен раст, богатите се повеќе стануваа побогати, сиромашните осиромашуваа, некои републики велеа дека неразвиените ги влечат назад нив поразвиените, а посиромашните бараа повеќе вложувања за да може да се изедначат. Југословенскиот динар падна (до 1985 г.) од 15 на 1.850 за еден американски долар, дознаките од Југословените што живееја во странство драстично се зголемија. ЈНА беше најјаката алка, сѐ до 1990-тите.
Јас бев во ЈНА во Дервента и Славонска Пожега, другар ми Тони во Сента, братучед ми во Марибор, а некој од Истра во Скопје, и тоа функционираше така прекрасно, сите одеа во други републики, а не во својата. Сѐ уште имам другари од тоа време од таа ЈНА со кои се гледаме и/или слушаме. Словенецот Марко, другар од војска, пред дваесетина година се разведуваше, ми се јави прв да ми ги каже тешкотиите за тој негов период, не на некој друг од Словенија туку мене, другар од ЈНА. Тоа е декада во која почина најголемиот државник од тој период, тоа е период кога се отвораа првите кафулиња, кога можеше слободно да излезеш на телевизија и да зборуваш што сакаш, па тоа е времето на една Топ листа надреалиста.

Кај нас полека се отвораа кафулињата „Камел“, „Џули“, „Бони и Ани“, оние двата пред грчка амбасада, „Скопје“, она кафуле и билијард-клуб покриен со падобрани, првите дискотеки во парк… Се отворивме целосно, едноставно се дишеше некако послободно, бевме понапред од многу од сегашните ЕУ-земји, и тоа драстично напред. А ние тогашните млади здивевме, секоја вечер некаде, без пари, без маркирани обувки, без автомобили и мотори, иако имаше и доста што имаа пари, ама не се издвојуваа.
На мои 16 години првпат отидов со Рамбо и Шкотот автостоп за Дубровник, и тоа така траеше доста години по цела таа јадранска магистрала, те Пореч, те Ровињ, те Макарска, собравме спомени и искуства за десет наредни животи. И никој не нѐ задеваше, сите само гледаа да помогнат каде било во кој било дел на таа бивша земја, бевме како едно, како да нѐ родила заедничка мајка, која беспоштедно им делеше на сите. Особено беа интересни „поздравите“ од една до друга република, па во Македонија дојдоа од Босна како еден тим нивната Академија – театарска претстава, „Забрањено пушење“, Елвис Џ Куртовиќ, а во Белград од Хрватска одеа „Прљаво казалиште“, „Филм“, „Азра“, во Црна Гора одеа од Македонија „Леб и сол“ задно со Драмскиот театар, но и „Мизар“, „Падот на Византија“, и така се вртеше тој круг, се зајакнуваа братството и единството, едноставно заедништвото.
И тогаш се отвори југословенската музичка сцена, и со турбофолкот, но и со рок-попот. Бевме толку јаки во таа рок-музика што создававме и правци како новиот примитивизам, новиот бран, македонска дарк народна вавилонска музика. Тоа е времето на „Азра“, „Пекиншка патка“, „Мизар“, „Партибрејкерс“, „Психомодо поп“, „Звијезде“, „Прљаво казалиште“, „Параф“, „Термити“, „Лачни Франц“, „Макадам“, „Дисциплина кичме“, „Електрични оргазам“, „Балкан“, „Ѓаволи“, „Идоли“, „Падот на Византија“, „Филм“, „Хаустор“, Дино Дворник… Во таа декада најјаката сцена од источноевропскиот блок, но и од многу други западни земји, а некои групи можеа да се пофалат со квалитет на музика и текстови на многу повисоко ниво од многу други реномирани светски групи. Знаете, тешко некој дека остануваше имун на тоа заедништво и среќа, не дека немало лоши моменти, особено во 1990-тите, но тој период од 1980-тите е златниот период на младината.

Има една група од хрватското приморје, се вика „Далека обала“, и ретко некој кај нас да чул за неа. Имаат неколку албуми издадено, а во Хрватска се ѕвезди. Е таа група издаде една песна, насловена „Осумдесеттите“, каде што толку прекрасно се опишува животот во тој период. И само оваа песна да ја направеа, ќе беа внесени во потсвеста на сите оние што навистина ги живееле 1980-тите, како ремек-дело, како химна на младоста, како потсетник на едно прекрасно време, и ќе ја вртеа како што ја вртам и јас, и тоа бесконечно. Да, да, тој дух, тоа заедништво, е тоа беше нешто. И сега кога ќе видам некој што уживал во тој период, каде и да е тоа во таа некогашна заедничка земја, веднаш го забележувам, по начинот на одење, по изразот во очите, по неговиот смирено изгубен поглед, како се прашува како тоа сето го изгубивме. Ќе седнам до него/неа иако не се знаеме од порано, не сме се виделе, случајни браќа по душа, ќе се погледнеме во очи полни солзи, кои полека ја преплавуваат најблиската река, и онака од срце заедно ќе ја запееме, за радост и памет на сите тие што ги уживале 1980-тите: „Јер осамдесете су биле године кад смо стално свирали, и сваке ноќи смо до зоре лупали, сусједе смо будили. Јер осамдесете су биле године кад смо стално скупа били ми, цијеле ноќи смо пили, цијеле ноќи певали…“

Љупчо Давчев