Предлогот за продолжување на примирјето меѓу САД и Иран и повторно отворање на Ормуската Теснина засега не успева да ја намали неизвесноста на светските пазари, поради што цените на нафтата денеска забележаа раст.
Суровата нафта Брент за испорака во август на берзата во Лондон поскапе за 1,89 долари и достигна цена од 93,01 долари за барел. Во исто време, американската сурова нафта WTI за испорака во јули се зголеми за 2,21 долари и се тргуваше по 89,57 долари за барел.
Растот на цените следува по викенд-разговорите меѓу Вашингтон и Техеран, при кои двете страни разменија предлози за можен договор со кој би се продолжило примирјето и би се обезбедил непречен поморски сообраќај низ Ормуската Теснина. Сепак, засега нема јасни сигнали за конкретен напредок во преговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно побара Иран да ја суспендира својата нуклеарна програма и целосно да го гарантира безбедното функционирање на Ормуската Теснина, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.
Иако во текот на мај цените на нафтата забележаа пад, тие и натаму остануваат значително повисоки во споредба со нивото пред избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток.
































