Фото: Кабинет на претседателката Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на средбата со учесниците на 14-тата пленарна сесија на Меѓународен парламент за толеранција и мир порача дека парламентите имаат клучна улога во промовирањето на мирот, толеранцијата и човековото достоинство, пренесе МИА.

Таа истакна дека во време на зголемени меѓународни конфликти, криза на мултилатерализмот и слабеење на довербата во институциите, парламентарната дипломатија претставува „демократска совест“ на меѓународните односи и важен инструмент за градење дијалог и доверба меѓу народите.

Во своето обраќање Силјановска-Давкова предупреди дека светот се соочува со најголем број меѓудржавни конфликти од 1946 година наваму и нагласи дека мирот не е трајна состојба, туку процес што постојано се одржува преку мудрост, воздржаност и дијалог.

Таа ја посочи и Македонија како пример за мултикултурен соживот, истакнувајќи дека толеранцијата во земјата не е „увезен збор“, туку дел од нејзината историја и општествено искуство.

На крајот од говорот, претседателката порача дека во современиот свет нема место за негирање на идентитетите, историски ревизионизам и користење на историјата како средство за блокирање на иднината на државите, нагласувајќи дека парламентите треба да бидат чувари на дијалогот, демократијата и човечкото достоинство.