„Евростат“: Демографската слика на ЕУ во 2026 година открива континент што живее подолго, има помалку деца, а станува сè поразновиден
- Во 2025 година, Европската Унија беше дом на 451 милион жители, што е еден милион повеќе отколку во 2024 година. Дали знаевте дека шест отсто од населението било на возраст од 80 години или повеќе и дека просечната возраст се зголемила од 39,6 години во 2005 година на 44,9 години во 2025 година? Или дека три отсто од населението на ЕУ, односно околу 14 милиони луѓе, живееле во друга земја членка на ЕУ, различна од онаа чие државјанство го поседувале? Овие прашања ги поставува истражувањето на „Евростат“, но наедно во своето истражување „Демографија на Европа – 2026“ дава и конкретни одговори
Европската Унија во 2025 година има 451 милион жители. Тоа е околу еден милион повеќе отколку во 2024 година, но зад оваа бројка се крие сложена приказна за стареење, миграции, нови семејни модели и тивка трансформација на европското општество. Новото интерактивно издание „Демографија на Европа – 2026“ не е само статистички преглед. Тоа е своевидна рендген-снимка на Европа во време на големи политички, економски и културни промени. Податоците покажуваат дека Европа денес живее подолго од кога било, но и дека се раѓаат помалку деца. Градовите растат, селата се празнат, а милиони Европејци живеат во држава различна од онаа во која се родени.
Европа станува најстар континент во светот
Највпечатлив податок во новата демографска анализа е стареењето на населението. Дури шест отсто од жителите на ЕУ денес се постари од 80 години. Просечната возраст на Европејците во 2005 година изнесувала 39,6 години. Дваесет години подоцна, во 2025 година, таа достигнува 44,9 години. Ова значи дека Европа постепено се претвора во континент на постари генерации. Во многу држави бројот на пензионери расте побрзо од бројот на млади луѓе што влегуваат на пазарот на трудот. Последиците се далекосежни. Пензиските системи се под притисок, здравствените трошоци растат, а економиите се соочуваат со недостиг од работна сила. Во исто време, стареењето отвора и нови пазари. Таканаречената сребрена економија, односно услуги и производи за повозрасни лица, станува една од најбрзорастечките индустрии во Европа.
Помалку деца, повеќе самци
Европејците денес живеат поинаку отколку пред две или три децении.
Сè повеќе луѓе стапуваат во брак подоцна или воопшто не стапуваат. Бројот на домаќинства со едно лице постојано расте, особено во големите градови. Во Париз, Берлин, Копенхаген или во Амстердам, самечкиот живот одамна не се смета за привремена фаза, туку за траен животен избор. Истовремено, стапката на наталитет во многу европски држави останува под нивото потребно за природно обновување на населението. Тоа значи дека без миграција, населението на ЕУ би почнало значително да се намалува.
Миграцијата како двигател на растот?!
Европската Унија денес сè повеќе зависи од миграцијата за да го одржи демографскиот баланс. Околу 14 милиони луѓе, односно три отсто од населението на ЕУ, живеат во држава членка различна од онаа чии државјани се тие. Овие бројки покажуваат дека мобилноста станува суштински дел од европскиот живот. Млади Шпанци работат во Германија, Полјаци отвораат компании во Холандија, а Романци работат во Италија и Франција. Слободното движење на луѓе, една од темелните вредности на Унијата, практично создава нов европски простор на живот и работа. Но миграцијата останува и политички чувствителна тема. Додека дел од земјите гледаат решение за недостигот од работници, други стравуваат од културни и социјални промени.
Разликите меѓу Истокот и Западот
Демографската карта на Европа открива и силни регионални нерамнотежи. Имено, Западна и Северна Европа главно успеваат да го стабилизираат населението преку миграција и повисок животен стандард. Источна Европа, пак, продолжува да се соочува со иселување и пад на наталитетот. Многу млади луѓе од Балканот и од источниот дел на континентот заминуваат кон поголемите економски центри. Последиците се видливи преку сликите за празни села, затворени училишта и недостиг од квалификуван кадар во помалите држави. За Македонија, иако не е членка на ЕУ, овие трендови се особено важни. Македонското општество веќе ги чувствува последиците од стареењето и иселувањето, што ја прави европската демографска анализа уште порелевантна за домашната јавност.
Европа во потрага по нов модел
Демографијата одамна не е само статистика. Таа станува клучно политичко и економско прашање. Како ќе изгледа европскиот пазар на трудот за 20 години? Кој ќе ги финансира пензиите? Како ќе се одржи здравствениот систем? Дали миграцијата ќе биде решение или нов извор на политички поделби?
Ова се прашања што веќе ја обликуваат европската политика. Многу влади воведуваат мерки за поттикнување на раѓањето, даночни олеснувања за млади семејства и програми за привлекување странски работници. Но досегашните резултати покажуваат дека демографските процеси се менуваат бавно и тешко. Европа денес не се менува преку драматични револуции, туку преку тивки демографски процеси. Помалку деца, повеќе постари луѓе, поголема мобилност и поразновидни општества, тоа е новото лице на континентот. А токму демографијата, повеќе од политичките говори и изборните кампањи, можеби најдобро покажува каде се движи Европа во 21 век.
Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија


































