Дипломатската офанзива на Софија не само што не стивнува туку дополнително се засилува
- Првата премиерска турнеја на Радев во Франција и Брисел е смислен маневар за врзување на рацете на новата постава во ЕУ пред самитот во Тиват и посетата на Антонио Кошта на Македонија. Радев ги користи оружјето и суетата на Макрон „за да го армира“ ветото за Македонија…
Ни малку не е случајно тоа што прво официјално патување на новиот бугарски премиер Румен Радев е токму во Франција, каде што неодамна имаше средба со францускиот претседател Емануел Макрон, и тоа во пресрет на самитот меѓу Европската Унија и Западен Балкан во Тиват, Црна Гора.
Во дипломатијата изборот на земја за прва официјална посета по стапувањето на должност никогаш не е случаен, туку тоа испраќа силна порака за тоа каде лежат стратешките приоритети. Имено, Радев можеше да избере да замине во некоја соседна балканска земја или во Берлин, но сепак тој веднаш се упати во Париз кај Макрон, а потоа во Брисел во седиштето на ЕУ и НАТО.
Несомнено ова само потврдува дека неговата апсолутна приоритетна мисија на почетокот на премиерскиот мандат е да ја забетонира бугарската позиција на европската сцена. Со тоа што веднаш отиде кај Макрон, тој сакаше уште во првите денови од својот мандат како шеф на владата да стави до знаење дека Франција му е клучниот сојузник во одбрана на „францускиот предлог“ и дека Софија нема да дозволи никакво отстапување во преговорите со Македонија.
Париз како штит за бугарските позиции во ЕУ
Она што Радев го изјави пред новинарите по средбата со Макрон уште повеќе ја потврдува тезата дека официјалната бугарска политика јасно и недвосмислено одбива секакво поинакво решение за откочување на македонските евроинтеграции, освен исполнување на сето она што е прифатено во преговарачката рамка, вклучително и обата протокола.
– Ми требаше точно една година за да ги убедам европските лидери и претседателот Макрон зошто треба да се случи ставањето на Бугарите во Уставот на Република С. Македонија. Ова прашање го поставив на маса уште во мај 2021 година на Советот на ЕУ, кога сите наши сојузници нè притискаа еднострано да го тргнеме ветото. Тогаш им објаснив дека проблемот не е обичен билатерален историски спор, туку прашање на човекови права и заштита на идентитетот на македонските Бугари. Францускиот предлог од 2022 година стана европски компромис токму затоа што Париз и Брисел сфатија дека без цврсти уставни гаранции за еднаквост, нема напредок во проширувањето. Тој компромис е цементиран и тука нема простор за никакви промени или за нови преговори – изјави Радев по средбата со Макрон во Париз.
Ваквата изјава всушност е одговор на некои кругови што и натаму тврдат дека посетата на Радев на Франција не е поврзана со Македонија, туку дека се работи исклучиво за потврда на добрите француско-бугарски односи, но и склучување договори за зголемена воена соработка што подразбира купување француско оружје од страна на Бугарија.
Имајќи го предвид фактот дека интересите се пред сè и над сè, тогаш изјавата на Радев околу францускиот предлог не е ништо друго, туку јасна порака до сите земји членки на ЕУ дека нема простор за никакви модификации на преговарачката рамка. Франција е гарантот за тоа, а Бугарија ќе ја плати гаранцијата со милиони евра за набавка на француско оружје.
Трговија со влијание: Милијарди за француско оружје против македонските евроинтеграции
Тоа што посетата на Радев на Париз се случи непосредно пред самитот ЕУ-Западен Балкан, како и најавената посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на земјава, а нешто подоцна и на еврокомесарката за проширување Марта Кос, не е ни малку случајно.
Посетата на Радев на Париз и неговото триумфално потсетување на „францускиот предлог“ се класичен превентивен дипломатски удар. Новиот бугарски премиер многу добро чита меѓу редови и чувствува дека новата постава во Брисел, на чело со Антонио Кошта како претседател на Европскиот совет, бара начини за откочување на Западен Балкан заради геополитичка стабилност (особено во контекст на војната во Украина). Имајќи предвид дека францускиот предлог е личен дипломатски проект на Емануел Макрон од 2022 година, Радев игра на картата на суетата и доследноста на Париз: ако Франција дозволи Кошта или која било друга моќна членка (како Германија) да го ревидира или да го ублажи предлогот (на пример, со прифаќање на идејата за одложено дејство на уставните измени), тоа би се толкувало како дипломатски неуспех за самиот Макрон. Радев е со намера да извлече цврсто ветување од Париз дека нема да поддржи никаква „креативна ревизија“ на вториот протокол, кој всушност за Бугарија е клучен за да може да се реализира идентитетското обезличување. Со тоа, Бугарија го користи ветото на Франција како свој штит. Пораката на бугарскиот премиер до Кошта е безмалку директно упатена: „Не троши време на маневри во Скопје“.
Дипломатски пазар на големите сили: Македонија мора да премине во
проактива
Поранешни дипломати и амбасадори, коментирајќи ја посетата на Радев на Париз, сметаат дека официјална Софија има некакви резерви околу улогата на Кошта, кој иако во неколку наврати истакнува дека Македонија треба да ги направи уставните измени, не исклучува и креативни решенија како потоа да се спречат нови билатерални опструкции.
– Иако Кошта во своите пораки (како за Денот на Европа) јасно повторува дека „Бугарите мора да влезат во Уставот“, Софија стравува дека тој зад затворени врати би можел да понуди некаков „креативен среден пат“ или писмени гаранции од ЕУ, кои би ја неутрализирале идната уцена од Бугарија. Со оваа турнеја, Радев му ги врзува рацете на Кошта уште пред тој да седне на маса со македонскиот премиер, ставајќи му до знаење дека Брисел нема мандат да преговара за веќе затворено прашање – објаснуваат дипломатите.
Според нив, тоа што Радев признава дека му било потребно дури една година да ги убеди европските лидери еден билатерален спор поврзан со историјата да го спакува во приказна за „човекови права на Бугарите во Македонија“, говори и за незаинтересираноста на претходната македонска дипломатска гарнитура, која настапуваше врз принципот на „беспоговорно задоволување на барањата на соседите“.
– Особено интересен детаљ од средбата во Париз е што Радев и Макрон интензивно разговараат за модернизација на бугарската армија со француско оружје (радари, хаубици), но и за војната во Украина. Бугарија ги користи својата геостратешка позиција на Црно Море и купувањето француско оружје како монета за поткуп на Париз. Додека Македонија нуди само политички аргументи и фрустрација од неправдата, Радев оди кај Макрон со конкретни милијарди за воена соработка и геополитичка тежина. Во тој пазар на големите сили, македонското незадоволство лесно се жртвува. Изјавата на Радев е порака до македонската влада дека стратегијата на чекање „подобри времиња“ или нов посредник во Брисел (како Кошта) може да наиде на тврд ѕид во Париз. Ако Кошта пристигне во Скопје со истиот наратив, дека „план Б нема и францускиот предлог мора да се исполни“, тоа ќе биде потврда дека превентивната мисија на Радев во Париз успеала. Македонија тогаш ќе мора да избере: или капитулација пред францускиот предлог со уставни измени под бугарски услови или преземање решителен чекор во насока на отстранување на нелегалниот втор протокол, за што веќе е отворен предмет во Уставниот суд, кој не е ратификуван во македонското собрание, а уште помалку е некаков документ, туку обичен записник. Толкување за овој протокол побара и известувачот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц, така што ако ЕУ е доследна, тогаш треба да отфрли записници и други акти именувани како некакви протоколи од преговарачката рамка, кои не се синхронизирани ниту со европското законодавство. Како и да е, Македонија мора да биде проактивна, а не да се помирува со тоа дека сме доведени во ќор-сокак. За секој проблем има решение, задача на секоја власт е да ги решава тие проблеми и граѓаните го очекуваат тоа – заклучуваат соговорниците.


































