Во Кривогаштани денеска беше отворена изложбата на фотографии „Слики што раскажуваат за вистински и искрени приказни“, посветена на починатиот фотограф Благоја Бојчески, по повод одбележувањето на половина век од неговото творештво и 75 години од неговото раѓање.
Изложбата, подготвена од Даниела Бојческа, ќерка на фотографот која живее во Виена, и проф. Гоце Дуртаноски, претставува мост меѓу минатото, сегашноста и иднината, преку фотографии што го документирале животот и времето во Кривогаштани.

Иницијаторите на настанот истакнаа дека Благоја Бојчески бил најпродуктивниот фотограф во општина Кривогаштани, кој со својот објектив оставил трајно сведоштво за животот во локалната заедница. Отворањето на изложбата беше збогатено со музички настап на виолинистката Марија Јанчулеска.

Изложбата беше реализирана со поддршка на Фото сојузот на Македонија, а фотографот Александар Кондев оцени дека фотографиите на Бојчески ја претставуваат локалната заедница со „спонтана автентичност“ и претставуваат „непроценливо богатство за македонскиот национален идентитет“.
Градоначалникот на Кривогаштани, Игор Каравилоски, изложбата ја оцени како „огледало на колективната меморија на општината“.

Во рамки на настанот, уметницата Светлана Грозданоска изработи портрет од коса на фотографот Бојчески, во чест на 75 години од неговото раѓање.
На настанот беше најавено и формирање на Фото архив на Кривогаштани, со цел дигитализација и каталогизација на фотографското наследство на општината.
Ка.М.

































