Научната фантастика е жанр за кој се врзуваат најмногу стереотипи. Еден таков стереотип е често повторуваната фраза за опишување на научната фантастика како песимистички жанр. Иако голем број од сценаријата и футуристичките описи се дистописки, идејата на научната фантастика не е нихилистичка и нејзината намера воопшто не е да покаже дека битието, светот или човечкото постоење немаат никаква смисла. Намерата на научната фантастика е да го постави прашањето „што е тоа што останува како редукциски вишок (наречен смисла), ако сѐ се сведе на апсурд?“.
Како што на Ниче му се припишува епитетот „нихилист“ бидејќи го прогласува Бог (односно системот) за мртов, така и на научната фантастика, погрешно, како резултат на лаичка површност ѝ се придава токму нихилистичкото значење. Кога Ниче вели „Бог е мртов“, тој не прави говорен чин во кој преку доволно ефикасна говорна прагматика ја менува реалноста на божјото постоење, туку поставува хипотетичко прашање „што ќе се случи доколку некогаш се укине постоењето на системот, темелот, изворот на смисла и оптимизмот дека нешто се менува и развива?“
Во тој момент, Ниче не пристапува кон логичко докажување дека човекот е ништовен и дека неговиот животот нема никаква смисла, туку доаѓаме до прашањето – што останува ако Бог го нема? На ова прашање Волтер би одговорил: „Ако Бог не постоеше, ќе требаше да го измислиме“.
Хипотезата со која системот што делегира смисла се сведува на ништо не претставува туркање во апсурд од каде што се гледа излезот или бегство во крајот, туку итен повик за акција да се создаде смисла таму каде што досега таа била само на маргините, невидлива и одлепена од човечката одговорност.
Сличен повик поставува и Хајдегер. Тој вели дека оптимизмот почнува таму каде што човекот престанува да го гледа светот како ресурс, а крајниот песимизам е кога човекот ќе почне да се смета себеси за ресурс. Со термини на Маркс – кога човекот ќе се реификува, односно ќе стане предмет, функција, придавка или титула во општеството.
Научната фантастика се прашува што има по завршувањето на смислата, како што религијата се прашува дали има живот по смртта. Автор што твори во научната фантастика, своето хипотетичко сценарио никогаш не го завршува со смртта како крај, кој конечно ги прекинува страдањата, туку како поглед отаде крајот, нужно претпоставувајќи дека тој продолжеток и постои.
Научната фантастика, кажано со религиски термини, е поглед во задгробниот живот, во есхатологијата, вечното спасение од бесконечното повторување и сизифовското тркалање камен до апсурд, во суштина токму научната фантастика не е начин да се покаже дека во светот не владее никаква смисла или дека во светот владее целосен апсурд, туку претставува метод со кој ќе се прекине владеењето на апсурдот и конечно ќе се постави смисла.
Како што Рене Декарт со „Метафизичките медитации“ ја бараше Архмедовата точка, која ќе остане, откако секое знаење базирано на свест и лично сведоштво ќе се сведе на илузија или конструкција, така и научната фантастика ја бара здравата основа каде што ќе се смести смислата, кога таа ќе се уништи таму каде што постојано се наоѓала.
Притоа, научната фантастика не ви дава решение на задачата каде треба да ја барате смислата, туку ве ангажира и ве задолжува да ја создавате. Токму затоа, научната фантастика не е литература на очајот, туку литература на последната можност човекот повторно да стане творец на смислата.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































