Константин Филозоф – нашиот Свети Кирил

Човечката цивилизација напредувала со мали и евтини откритија и изуми што го промениле светот. Во предалечното минато такви откритија биле огнот, тркалото, пареата, а денес имаме ракети, компјутери, ласери, вселенски бродови. Во тие цивилизациски изуми спаѓа и изумот на Константин Филозоф, кој ја создал глаголицата, составена од мали црни знаци што знаат да зборуваат и сѐ да паметат. Таа азбука била совршениот инструмент да се создаде четвртото светско писмо. По елинското, латинското и еврејското, Европа го добила четвртото писмо – писмото на словенските народи. Народите што живееле во културна темнина, добиле разбирливи букви со кои ги обликувале зборовите што ги изговарале. И преку буквите им се овозможило да се доближуваат до Бога, до верата Исусова читајќи ги богослужбите и Евангелијата преведени на тој нов јазик.
Во науката е неоспорно дека еден од најкрупните настани во културната историја на словенските народи е покрстувањето на Словените сврзано со просветителската мисија на светите браќа Кирил и Методиј. Солунските браќа паралелно со христијанизацијата на населението вршеле и културолошка мисија преку словенското писмо и богослужбата, овозможувајќи услови за развивање литература и култура на словенски јазик. Иако голем дел од делата се заеднички труд на двајцата браќа, сепак, за основоположник, иницијатор, аниматор и главен раководител се смета помладиот брат Константин, кој пред самата смрт во Рим (869) примил монашки завет и бил прекрстен во Кирил.
Константин уште од млади години бил наречен „филозоф“. Има многубројни и комплексни толкувања зошто Константин го добил овој звучен епитет неразделен од неговото име. Според наједноставните толкувања, епитетот „филозоф“ обично му се дава на учен човек со високи интелектуални способности и човек што ја сака мудроста. Токму таков бил Константин – Кирил. Според професорот Петар Хр. Илиевски, еден од најревносните македонски проучувачи на животот и делата на солунските браќа, Константин од рана младост со знаењата што ги покажувал ги наминувал своите соученици. Легендата ни кажува дека Константин, седмо по ред дете на постарите родители Лав и Марија од Солун, уште од седум години раскажувал како во сонот ја видел Софија (божицата на мудроста), силно се вљубил во неа и дека „ќе се венча со неа“. Тој сон, наводно го определува неговиот животен пат. Одвратен од суетата на светот, се оддава на молитва кон Бога, проучува беседи од Св. Григориј Богослов, подоцнежен негов духовен учител. Во Цариград, во тогашна Византија, во дружба со интелектуалната и црковна христијанска елита, назначен е за предавач по филозофија на прочуената Магнаурска школа.

Константин имал познавања од светските науки и од светските јазици, неговото поле на знаења опфаќало граматика, дијалектика, реторика, астрономија. Не бил возгордеан, држел баланс меѓу светското знаење и духовната мудрост, не бил оптоварен со суетата на својата висока ученост. Својата скромност, преданоста кон Бога и подвижништвото тој ги потврдил со решително откажување од сите светски почести и звања и со неколкукратно бегање во осаменост за да може „да излета од тоа тело и да живее со Бога“, а со самото тоа да стекне нови мудрости. И основното значење на зборот „филозоф“ сепак е „љубител на мудроста“, односно премудроста.
Константин бил подробно запознаен со старогрчката литература, култура и уметност, тој бил редок ерудит и полиглот. Од страна на византискиот двор му биле доверувани мошне одговорни дипломатски, верски, просветни и културни мисии. Заедно со брат му Методија најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, да ги христијанизираат Сарацените, Хазарите, Моравските Словени, Бугарите, Русите и другите народи на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт. Врв на неговиот филозофски пристап и полното право да биде наречен филозоф е неговата замисла да се обединат под една идеја сите култури на епохата, а посебно да се спојат позитивното од паганската филозофија и новата христијанска идеологија. Константин – Кирил покажал пример на ретка комплетна личност што ја обединува теоријата со практиката, мислењето со акцијата. Тој како Прометеј го пренел пламенот на евангелската просвета кај Словените на кои им дал писмо, нов светоглед, развој на културата и литературата. Бил поет, филолог, филозоф и христијански теолог посветен на црковната апостолска служба. Според многу научни студии е универзален гениј, човек што се раѓа еднаш на илјада години.

Заедно со Методиј ги превел основните христијански богослужбени книги од грчки на словенски јазик и преку преводите ги поставил основите на првиот книжевен (писмен) јазик на Словените, старословенскиот. Со овој чин, Словените се воведени во светската културна заедница, a во Европа, по латинската и византиската се јавува во тој период трета цивилизација, словенската.
Константин Кирил е тесно поврзан со писменоста, религијата, идентитетот, историјата на македонскиот народ. Сестрано надарена личност, заеднички припадник на повеќе словенски народи, кои денес пишуваат врз основите на негово првобитно писмо – глаголицата, од која подоцна произлезе кирилицата, именувана во негова чест. Тоа е денешното писмо на македонскиот народ, на народ што имаше јазик, но немаше букви. Македонија ги чествува солунските браќа како свои, со голема почит и вечна слава. Со нивното име има осветени цркви, манастири, низа училишта ги носат нивните имиња.